Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Обука за јакнење на капацитетите на граѓанските организации од Република Македонија за "Здравство и буџети", Прв модул

Во периодот од 26 – 28 јуни 2014 година, ЕСЕ спроведе обука со цел јакнење на капацитетите на граѓанските организации во однос на повеќе теми поврзани со здравството и буџетите. На обуката учествуваа претставници од повеќе граѓански организации од РМ кои работат на полето на унапредување на здравјето на граѓаните и олеснување на пристапот на различни групи на граѓани до основните здравствени услуги во јавниот здравствен сектор. Односно, на обуката беа присутни следните граѓански организации: ЛИЛ од Скопје, ЦДРИМ од Скопје, КХАМ од Делчево, РРЦ од Скопје, ХОПС од Скопје, ХЕРА од Скопје, Момент Плус од Гевгелија, НОРА од Скопје, Хемолог од Скопје и РОМА СОС од Прилеп. Првиот модул од обуката се организираше со цел, граѓанските организации да се запознаат со првото на здравје, социјалните детерминанти на здравјето, организацијата на јавниот здравствен систем во РМ, буџет и буџетски процес на национално и локално ниво, финансирањето на здравството и буџетски процес во здравството, како и буџетска транспарентност и отчетност и пристап до информации од јавен карактер. Овој модул претставува вовед на граѓанските организации во вториот модул на обуката каде подетално ќе се разработуваат техники и методологии за мониторинг и анализа на буџети и јавно здравствени политики. Обучувачи на обуката беа: д-р Борјан Павловски, Марија Гелевска и Дарко Антиќ од ЕСЕ и д-р Ванчо Велинов од Институтот за јавно здравје на РМ.

Обуката е спроведена со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено Општество Македонија и Фондациите Отворено Општество Њујорк.

Обука за јакнење на капацитетите на граѓанските организации во однос на специфичните потреби за здравјето на жените и релевантните политики

Во периодот од 17 – 19 јуни 2014 година, ЕСЕ спроведе обука со цел јакнење на капацитетите на граѓанските организации во однос на специфичните потреби за здравјето на жените и релевантните политики. На обуката учествуваа претставници од партнерските ромски граѓански организации: ЦДРИМ од Шуто Оризари, КХАМ од Делчево и ЛИЛ од Ѓорче Петров. Обуката за јакнење на капацитетите од оваа област се организираше со цел партнерските ромски организации да започнат со примена на методологијата на мониторинг на заедницата во однос на спроведувањето на здравствените услуги од Програмата за рана детекција на малигни заболувања со посебен фокус на превентивните гинеколошки услуги за рано откривање на карциномот на грлото на матката. На обуката беше дискутирано на повеќе теми вклучувајќи ги следните: род и здравје и спецификите на женското здравје; социјални и економски влијанија врз здравјето на жените; репродуктивно и сексуално здравје и права; меѓународни документи во однос на здравјето на жените; правна регулатива во Р. Македонија која специфично се однесува на здравјето и здравствената заштита на жените; најчестите малигни заболувања на репродуктивните органи кај жените и скрининг програми за рано откривање на истите; преглед на Програмата за рана детекција на малигни заболувања на Министерството за здравство, како и наодите од мониторингот на ЕСЕ во однос на имплементацијата на оваа програма. На последниот ден од обуката организациите спроведоа процес на планирање преку кој беше утврдена динамиката на работа и потребата од техничка поддршка и координација од страна на ЕСЕ.

Обуката е спроведена со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено Општество Македонија и Фондациите Отворено Општество Њујорк.

 

ЕСЕ ја продолжи соработката со Debbie Budlender (02-06 јуни, 2014)

Во периодот од 02-06 јуни, 2014 година во Истанбул ЕСЕ одржа работилница на која заедно со Debbie Budlenderги разгледуваше анализите кои се однесуваат на различни прашања од интерес за ЕСЕ, а кои се изработени со помош на мониторинг и анализа на буџети од родова перспектива.

Анализите се однесуваат на прашања од областа на репродуктивното здравје на жените, имунизацијата на децата Роми, неплатената грижа на сериозно болните лица и спроведувањето на стратегијата за заштита од семејно насилство 2008-2011 година.

Соработката која ЕСЕ ја остварува со Debbie Budlender започна во 2013 година и ќе продолжи и во следните години.

ЕСЕ ја одржа редовната седница на Генералното собрание (13.05.2014)

На ден 13.05.2014 година во хотел Солун ЕСЕ одржа редовна седница на Генералното собрание на кое се разгледуваа и усвојуваа материјалите по следните точки на дневен ред: разгледување и усвојување на наративен и финансиски извештај за работењето на ЕСЕ за 2012 и 2013 година; разгледување и усвојување на Годишна програма и финансиски план за работа на ЕСЕ за 2014 година и План за работа за 2014-2017 година; разгледување и усвојување на предложени статутарни измени  и разгледување и усвојување на членови на Извршен одбор (петти состав, 2013-2017).

Согласно на потребите за поефикасно и порационално извршување на работните задачи на оваа седница беа предложени неколку статутарни измени и тоа: измени во однос на лицето за застапување и претставување на ЕСЕ; промена на називот на здружението; усогласување на целите и задачите предвидени со Статутот и целите и задачите на сегашното и идно работење на ЕСЕ; измени во однос на стекнување на правото на глас на членовите на Генералното собрание и измени во однос на бројот на членови на Извршниот одбор на ЕСЕ.

На оваа седница на Генералното собрание беше избран петтиот состав на членови на Извршен одбор на ЕСЕ. Новиот состав на Извршниот одбор согласно на статутарните измени брои пет членови и е избран со четиригодишен мандат во времетраење од 13.05.2014 до 12.05.2017 година. Новиот состав на членови на Извршниот одбор е составен од: Доцент д-р Елена Ќосевска; Кемал Исмаил; Дивна Змејковска; Наташа Бошкова и Ас. д-р Блашко Касапинов.

Сите точки од дневниот ред беа усвоени со мнозинство од присутниот број на членови на Генералното собрание.

 

Европска регионална конференција на граѓански организации и влади - Даблин, Ирска – 07-09 мај 2014

Здружението ЕСЕ како организација која континуирано работи на унапредување на пристапот до информации од јавен карактер, отворање на буџетските податоци со кои располагаат јавните институции, олеснување и зголемување на партиципативноста во постапките на креирање на јавни политики и промоција на правото на информираност и партиципација во Република Македонија, во периодот од 07 до 09 мај 2014 година ќе биде дел од Европската регионална конференција на граѓански организации и влади во Даблин, Ирска. Конференцијата е организирана од Министерството за трошоци на Ирска и претставува редовна годишна конференција на земјите членки на иницијативата за Отворено Владино Партнерство. ЕСЕ во периодот од јануари до април 2014 година зема активно учество во процесот на подготовка на Акцискиот план за Отворено Владино Партнерство на Р. Македонија кој треба да биде усвоен од Владата на РМ и спроведен во периодот од 2014 до 2016 година.

Види програма на конференцијата

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар