Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Прес конференција и Јавна дебата на тема „Имунизација и превентивни здравствени услуги за децата Роми во Р. Македонија“

Граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ - ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи - ЦДРИМ, Здружението на просветни работници и заштита на правата на жените и децата – ЛИЛ, и НВО КХАМ, со финансиска поддршка од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија,на ден 24.04.2014 година во просториите на Мала станица во Скопје одржаа јавна дебата и конференција за печат на тема  „Имунизација и превентивни здравствени услуги за децата Роми во Р. Македонија“.

На јавната дебата граѓанските организации ги презентираа наодите од истражувањето на полето на мониторинг во заедницата  во периодот 2013-2014 година во општините: Ѓорче Петров, Сарај, Карпош, Шуто Оризари, Пехчево - с. Црник,  Делчево и Виница. Истражувањето беше спроведено помеѓу ромско  население во однос на опфатот на децата Роми со вакцинација, како и во однос на имплементацијата на мерките предвидени со превентивните програми на Министерството за здравство - Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за систематски прегледи. Наодите од истражувањето покажаа дека во периодот 2012 – 2014 година  се забележува тренд на подобрување на опфатот со вакцинација кај предучилишните деца, меѓутоа опфатот со вакцинација на децата на училишна возраст е на загрижувачки ниско ниво. Исто така, истражувањето покажа дека одредени активности од превентивните програми, кои се наменети за ромските средини, не се реализирани. Доследното спроведување на мерките предвидени во превентивните програми е од големо значење бидејќи од истите директно зависи:  опфатот со имунизација на децата Роми од 0 до 15 години, опфатот со здравствени услуги поврзани со вакцинацијата, опфатот со услугите од службата за патронажни посети, како и опфатот со теренските превентивни активности наменети за ромски средини.

На јавната дебата граѓанските организации побараа од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложените мерки за зголемување на опфатот на децата од ромските заедници со имунизација и превентивни здравствени услуги.

Повеќе...

Јавна дебата на тема „Имунизација и превентивни здравствени услуги за децата Роми во Р. Македонија“

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во РМ – ЕСЕ, НВО КХАМ, Центарот за демократски развој и иницијативи – ЦДРИМ и Здружението на просветни работници и заштита на правата на жените и децата – ЛИЛ, поддржани од Фондацијата Oтворено општество – Македонија, организираат јавна дебата на тема „Имунизација и превентивни здравствени услуги за децата Роми во Р. Македонија“. Дебатата ќе се одржи на ден 24.04.2014 година во просториите на Мала станица во Скопје, со почеток во 11 часот.

На јавната дебата здруженијата ќе ги презентираат најновите наоди во однос на опфатот на децата Роми со процесот на вакцинација и превентивни здравствени услуги, како што се патронажни посети, здравствени едукации, систематски прегледи и останати активности. Воедно ќе биде дискутирано и за потребните мерки кои треба да се преземат со цел унапредување на опфатот на децата Роми со превентивните здравствени услуги.

По тој повод Здружение ЕСЕ ги поканува сите заинтересирани да земат учество во дебатата и да придонесат кон дискусијата чија главна цел е предлагање на мерки за унапредување на здравјето на децата Роми во Р. Македонија.

Сумарните наоди и главните препораки за унапредување на состојбите можете да ги најдете на следниот линк.

Опфат на децата Роми со вакцинацијата и превентивни здравствени услуги: Состојба, проблеми и решенија

 

Конференција за креирање на Национална алијанса за ретки болести на Р. Македонија - 22.03.2014

Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ - Битола, заедно со Здружение за Хемофилија, ретки коагулопати и Вон вилебранд - ХЕМОЛОГ и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија - ЕСЕ организираa Конференција за креирање на Национална алијанса за ретки болести на Р. Македонија, на 22 март, сабота, во хотел „Порта“, Скопје. Конференцијата е дел од проект кој се реализира во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од Фондацијата Отворено општество - Македонија. Воедно проектот е поддржан и од Гензим – Санофи Авентис и Целгене Корпорација.

„Горда сум што еден ваков проект е поддржан токму од Проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од Фондацијата Отворено општество. Работејќи со Весна од Живот со предизвици ги осознав проблемите и предизвиците со кои се соочуваат луѓето со ретки болести во Македонија. Без разлика дали се работи за ретки, многу ретки или екстремно ретки болести има потреба од заедничка поддршка и соработка за обезбедување на потребна нега. Оваа алијанса ќе ја зајакне соработката и ќе го зајакне гласот на пациентите пред институциите. Запознав повеќе пациенти и секогаш се воодушевувам од храброста и издржливоста на овие луѓе кои не дозволуваат ретката болест да ги дефинира. Тие се хероите на денешното време. Ги охрабрувам институциите во Македонија да направат сѐ што е во нивните можности за да им помогнат на семејствата кои се соочуваат со ретки болести.“ – изјави г-ѓа Мери Џо Волерс, Амбасада на САД во Македонија, почесен член на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ – Битола

Повеќе...

Средба за вмрежување во рамки на програмата CIVICA Mobilitas, 21-22 март, 2014 година

Во временскиот период 21-22 март, 2014 година во хотел Дрим, Струга се одржа средба за вмрежување на грантистите на програмата CIVICA Mobilitas во организација на Центарот за институционален развој – ЦИРа.  На средбата се одржа дебата на тема “Моменталните состојби и предизвици во развојот на граѓанскиот сектор  во РМ”, во чии рамки се дебатираше по однос на прашањето за влијанието на граѓанскиот сектор во креирање на политиките и решавањето на состојбите на општеството и прашањето за имиџот на граѓанскиот сектор, соработка и солидарност во работата на граѓанските организации.  Свои видувања по однос на состојбите за механизмите за граѓанско учество и вклученоста на граѓанските организации во донесување на одлуки на оваа средба даде Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ. Имено, таа говореше за состојбите по однос на вклученоста на граѓанските организации при донесување на одлуки на локално и национално ниво, односно на ниво на локална самоуправа, извршна и законодавна власт. Посебно беа дискутирани напорите и механизмите кои Владата на РМ ги презема со цел овозможување на учество на граѓанските организации при донесување на одлуки. При тоа со цел оценување на влијанието на граѓанските организации низ години беа користени оценките по однос на ова прашање презентирани во Индекс на оддржливост  на НВО на УСАИД. На крајот на дебата беа утврдени предизвиците со кои ќе се соочат граѓанските организации по однос на ова прашање во иднина.

 

По повод претстојните претседателски/парламентарни избори промоција на Декларацијата за осуда на говор на омраза и дискриминаторски говор кон жените, лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните лица и маргинализираните заедници

На ден 18.03.2014 година во ЕУ Инфо центарот беше промовирана потпишаната Декларација за осуда на говор на омраза и дискриминаторски говор кон жените, лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните лица и маргинализираните заедници. Потпишувањето на декларацијата е иницирано од страна на Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Хелсиншкиот Комитет за човекови права, ЛГБТИ Центар за поддршка, Акција Здруженска, ЕСЕ и националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата. Декларацијата ја потпишаа седум политички партии и тоа: Либерална партија, Либерално-демократска партија, Демократска обнова на Македонија, Демократски Сојуз, Нова социјалдемократска партија, Алијанса за позитивна Македонија и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.   

Текстот на Декларација може да го најдете на следниот линк:

https://drive.google.com/file/d/0BwKypQ6wUcCgZnZtTUdtZkxmbHc/edit?usp=sharing

Повеќе...

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар