Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

ИСТОРИЈАТ

 

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ е основано во 1994 година како Хуманитарна асоцијација за еманципација, солидарност и еднаквост на жените- ХА ЕСЕ , насочувајќи ја својата работа кон подобрување на состојбата на жената и нејзина поголема застапеност во одлучувачките структури. Работата на асоцијацијата се фокусираше на последиците кои периодот на транзиција ги имаше врз состојбата на жената со посебно внимание на жените во селата и маргинализираните жени. Во нашиот дух е правичноста и еднаквоста, па оттаму и заложбата да ги застапуваме сите жени, без разлика на нивната религија, националност и возраст.

 
Во периодот 1994-1996

 
Во 1994 година го спроведовме проектот „Жените и образованието”. Дистрибуиравме учебници за оние кои не можат да ги обезбедат. Во 1995 низа на проекти го означија почетокот на промените; „Жените и здравјето” наменет за Ромската и Албанската жена; „Жените и медиумите” кој овозможи пошироко интерпретација на женските прашања и интереси и „Жените и нивните можности за вработување” овозможија 225 жени од рурални средини да се стекнат со диплома за положени курсеви за шиење во соработка со Републичкиот завод за унапредување на домаќинство.

 
Во овој период го означивме почетокот на плодната соработка со новоформирани организации; ДАЈА, Лигата на албанска жена, СОС линијата на ОЖС, како и повеќе меѓународни организации. Развивме концепти кои подоцна прераснаа во повеќегодишни програми-здравствена, правна и едукација за еднакви можности на жените во одлучувачките структури. Структурата на организацијата ја втемеливме со формирањето на Извршниот Одбор во 1995 година.


Во периодот 1996-1998


Од големо значење за нас е токму овој период. Во него се одвиваа низа на процеси во насока на јакнење на организациските капацитетите и капацитетите на вработените. Во годините 1997 и 1998 ги развивме првите годишни програми. Го ставивме камен-темелникот во работата на ЕСЕ- од дотогашното проектно ниво, активностите ги преточивме во програмски линии. Значително ги зголемивме своите активности на полето на лобирање и подигање на јавната свест од повеќе области, преку организирање на кампањи. Ја пренасочивме својата активност кон организирање на едукација на адвокати, правници, политичарки, здравствени работници и претставнички на женски невладини организации активни на полето на еманципација. Преку програмата за здравствена едукација продолживме да работиме со жените од рурална средина.

Во периодот 1998- 2003

 
Во годината 1998 Хуманитарната Асоцијација ЕСЕ се преименува во Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ со што своето поле на дејствување го проширивме на национално ниво. За прв пат ги развивме своите тригодишни програми и тоа 1998 -2000 и 2000 -2003 година. На овој начин, полесно ги идентификувавме очекуваните резултати, индикаторите за извршените активности како и влијанието постигнато преку нив. Продолживме со развивање на организационата поставеност, јакнење на човечките капацитети и ги унапредивме стратегиите за одговорност и транспарентност во работењето.


Во програмска смисла ги збогативме своите активности со дополнитена тригодишна програма под името “Јакнење на капацитетите на женските невладини организации за здравствена едукација” во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка. Ја отпочнавме работата со жените затворенички, која во овој период се развиваше од нивна психо-социјална поддршка до зголемување на нивните можности за успешна ресоцијализација. Голем дел од едукативните активности ги насочивме кон младата популација. Програмите ги збогативме со компоненти насочени во работа со општата популација. За прв пат во програмата за правна едукација и акција како новина ги воведовме се директните услуги (правни совети и застапување) за жените жртви на семејно насилство. На полето на усвојување на законската регулатива интензивно спроведуваме активности за застапување и лобирање.

Воспоставивме силна организациската структура, вклучувајќи го и Генералното собрание. ЕСЕ во овој период обезбеди сопствени простории за работење и при тоа потполно ги опреми истите. Од тим составен од четири лица, прераснавме во организација чиишто број достигна со десет. Развивме јасно детерминирана и дефинирана структура, при што секој од вработените ги извршува своите работни задачи, соодветно на предвиденото работно место.

Во периодот од 2003-2006

 
Овој период за ЕСЕ е одбележан како период на собирање на плодовите од долгогодишната работа. Нашата лобирачка активност ја крунисавме со донесувањето на конкретни законски решенија во постојната законска регулатива за проблемот на семејното насилство. Станавме препознатливи како организација која има капацитет да застапува и да лобира за законски измени кои водат до се поголема родова рамноправност во нашето општество. Директните услуги насочени кон жените покрај помошта на жените жртви на семејно насилство ја збогативме со здравствени информации и поддршка во рамките на Женските здравствени информативни центри. Во контекст на оваа компонента, во 2004 година ги отворивме и диспензираните центри за правна помош, како и Здравствените Информативни центри во Штип и Тетово. Поддржувањето на директните услуги ги остварувавме паралелно со градењето на човечките капацитети на здравствените работници; одржавме низа на обуки за дизајнирање на здравствено промотивни интервенции, базирани на теории и факти, преку кои ги јакневме капацитетите и мрежата на нашите здравствени соработници. Посебно сме горди на постигнувањата остварени во сите казнено-поправни установи ширум Републиката; со едукативната компонента за „Разрешување на конфликти“, во центарот за обука на затворскиот персонал, обучивме затворски кадри за пренесување на знаења од оваа област. Преку проектот пак „Здравје за сите, здравје за Ромите“ обучивме 16 млади лидери од ромската заедница за право на здравје и здравствена заштита. Годините 2004 и 2005 беа години на низа успешно реализирани кампањи во сите програмски линии на ЕСЕ; преку светската кампања за спречување на насилството,ЕСЕ ја претстави темната бројка за семејното насилство во Македонија пред здравствениот сектор; преку мотото„Девојки, заштитете се“, го одбележавме Светскиот ден за сидата 1 Декемеври. Преку кампањата за достапно здравје, по повод Интернационалниот ден за достапно здравје за жените 28 Мај, ја популаризиравме темата за вулнерабилноста на жените кон ХИВ/СИДА За време на парлеметарните избори во 2004 година, реализиравме кампања во насока на промовирање на жените кандидатки, а амандманот предложен од ЕСЕ за 30% учество на жените на листите беш усвоен со 41 глас во Парламентот. Промоцијата на формалниот и неформалниот систем за заштита на жртвите на семејно насилство го организиравме преку кампањата „16 меѓународни дена на активизам за борба против насилството на жените“.Овој процес, понатака израсна во иницијатива преку која започнавме со изготвување на нацрт-протоколи за семејното насилство.
Во пресрет на најавеното повлекување на најголем број развојни и донаторски агенции од регионот, односно на еден од нашите традиционални донатори, одлучивме да преземеме конкретни чекори во пресрет на најавеното намалување. За оваа цел во јуни 2004 спроведовме процес на стратешко планирање. За нашите понатамошни активности, ги утврдивме идните приоритети: давање директни услуги на целната група, лобирање за законски измени и фокусирање на едукативни и информативни активности. Оформивме нова програма под името „Женски човекови права” која ги обедини поранешните програми за правна едукација и за борба против семејното насилство. Нашата внатрешна структура ја усогласивме со новите програмски приоритети. Воспоставивме оддел за развој кое ќе биде движечка сила во спроведувањето на стратешката определба и нашата одржливост.


Во февруари 2005, го добивме статусот на „Национален монитор за насилство врз жените“ преку кој помогнавме во изготвување на www страница како сеопфатна алатка за застапување на интересите на жените во Р. Македонија.
Во текот на 2005-2006,инициравме два значајни процеси во насока на воспоставување на ефективен институционален одговор на семејното насилство; Унификација на граѓанскиот и казнено-правниот систем за заштита и подготовката на Националната програма за семејно насилство. ЕСЕ со овој процес е финансиски поддржано од Американската агенција за развој на САД и Институтот за трајни заедници, а како корисник на грант во групата за застапување и локални партнерства. Во следниот тригодишен период (2006-2009), овие две иницијативи ќе бидат наш составен дел во програмското работење.


Во периодот 2006-2009

 
Во овој период, ЕСЕ е во фаза на имплементација на својата четврта тригодишна програма, за период 2006-2009.
Преземаме крупни чекори на полето на борбата против семејното насилство преку два процеси; во партнерство со Акција Здруженска го инициравме процесот на Унификација на граѓанско и казнено правниот систем на заштита од семејното насилство. Министерството за труд и социјална политика како наш стратешки партнер превзеде активности за креирање на Национална стратегија за борба против семејното насилство. Спроведовме истражување за феноменот на семејното насилство која прерасна во сеопфатна студија од мулти-дисциплинарен вид. Започнавме две-годишен процес за превенција и сузбивање на семејното насилство во Р. Македонија. За оваа цел, ќе преземеме низа на активности насочени кон унапредување на системот за заштита на жртвите преку подобрување на квалитетот на постоечките мерки за заштита. Како дел од процесот ќе спроведеме мулти-дисиплинарна едукација за професионалните структури, со што ќе се воспостави единствен координативен систем на заштита на жртвите на семејно насилство. Процесот ќе го реализираме во соработка со Министерството за труд и социјална политика и во партнерство со WAVE(Women Against Violence Europe)- од Р. Австрија.
Следејќи го процесот на интензивни реформи во здравствениот систем на Република Македонија, преку програмата Жената и здравјето, обезбедуваме директна помош, но истовремено правиме промени кои ќе ги земат предвид потребите на непривилегираните групи. Во таа насока, подготвуваме сеопфатно истражување помеѓу ромската популација за проблемите поврзани со здравјето, здравственото осигурување и факторите кои влијаат врз здравјето на Ромите.Со тоа ќе создадеме основа за подготовка на стратешки документ, со што ќе придонесеме кон подобрување на здравствената состојба кај Ромите. Состојбата пак на општата популација во однос на репродуктивното здравје ќе ја процениме преку студија која ќе се одвива на целата територија на Р. Македонија, а којашто ќе послужи како насока за креаторите на политиките во оваа област.


Од друга страна реформите на полето на делегирање на авторитети и одговорности од централно на локално ниво, бара дополнителни напори за имплементација на новиот концепт на локална самоуправа. Во таа насока, целиме кон подигнуваме на свеста на локалните заедници за запознавање со процесот на децентрализација и подигање на нивото на соработка помеѓу општините. Особен акцент посветуваме на подобрување на положбата на жените во руралните средини, и нивно вклучување во одредени политички процеси.


Во периодот 2009-2012

 

ЕСЕ во периодот 2009-2012 година остана посветено на својата мисија. Имено, во овој период спроведовме активности кои претставуваа продолжение и надградување на резултатите и постигнувањата од претходниот период, но, исто така,  воведовме и користевме нови концепти и пристапи за спроведување на правата на човекот.

Со заеднички сили и напори, односно со обединување на напорите на повеќе полиња, интензивно работевме на јакнење на капацитетите на локалните власти во општина Кочани и Тетово. Заедно подготвивме локални планови на полето на унапредување на репродуктивното здравје и спречување и заштита од семејно насилство. Како резултат на заедничката соработка, локалните планови во една од општините беа усвоени и вклучени во буџетот на општината. Во 2012 година, спроведовме мониторинг врз спроведувањето на локалните акциски планови и општинските буџети со цел утврдување на степенот на нивно спроведување. Покрај ова, во двете општини, спроведовме пилот истражувања за утврдување на степенот на учество на граѓаните во локалниот буџетски процес; познавањата на граѓаните за овој процес; степенот на транспартеност и отчетност на локалните власти и низа други прашања.  

Во текот на 2010, 2011 и 2012 година презедовме низа активности во насока на интегрирање на концептот на “мониторинг и анализа на буџети” на национално и локално ниво. На национално ниво, спроведовме мониторинг и анализа на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца. Подоцна, овие активности ги збогативме со активности за “мониторинг во заедницата” во соработка со четири локални ромски организации. Активности за мониторинг на заедницата, односно резултатите од мониторингот ни помогнаа во градење на поуспешна стратегија за застапување по однос на прашањето за имунизација на децата Роми. Активностите за мониторинг и анализа на национално ниво, во 2012 година. ги проширивме со мониторинг и анализа на Програмата за рана детекција на малигни заболувања. Односно, спроведовме мониторинг и анализа на активностите за детекција на рак на грлото на матката и активностите за рано откривање и спречување на карциномот на дојката. Во насока на интегрирање на мониторинг и анализата на буџети во работењето на ЕСЕ, во овој период вработените во ЕСЕ присуствуваа на повеќе меѓународни и домашни обуки за зајакнување на своите капацитети. Покрај обуките, активностите на ова поле ги спроведуваме со техничка помош на водечки светски експерти на ова поле.

Во соработка со ромските организации “ЦДРИМ”, Скопје и “КХАМ”, Делчево воведовме програми за параправна помош во ромските заедници во општините Шуто Оризари и Делчево. Со помош на параправниците обезбедуваме помош и поддршка за  заштита од областа на здравствената заштита, здравственото осигурување и заштитата на правата на пациентите на локалното ромско население.

Работејќи на промовирање и унапредување на здравствените права, односно, Човековите права во здравствена заштита, преземавме активности во насока на зголемување на свесноста за потребата од почитување на овие права меѓу практичарите (правниците, здравствените работници и здравствените соработници). Напоредно, работевме на зголемување на степенот на свесност за правата на пациентите и нивната заштита меѓу општата популација и посебно, меѓу одделни ранливи категории на лица.

Во духот на востановената практика на мониторирање и известување пред меѓународните тела во однос на женските човекови права, во соработка со Здружението на граѓани Акција Здруженска и повеќе други граѓански организации, подготвивме “извештај во сенка” кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените. Спроведовме анализа за степенот на спроведување на Заклучните согледувања на Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и известивме за наодите од анализата пред членовите на работната група за пред сесијата на Комитетот во 2012 година.

 

Во периодот 2013–2015

 

Овој период за ЕСЕ може да се окарактеризира како период во кој се востановени методологиите и пристапите што ги започнавме во 2010 година како иновативни и нови. Уште  повеќе продолживме да ја збогатуваме нашата работа со примена на нови методологии што овозможуваат нејзино натамошно унапредување, и започнавме со изнаоѓање решенија за спојување на методологиите и пристапите во еден единствен пристап. Помошта и поддршката што им ја нудиме на различните ранливи групи и натаму претставува значаен дел од нашата работа и заложба да им се помогне на оние на коишто им треба помош. Активностите поврзани со правната и судската заштита претставуваат преземање на уште еден значаен чекор напред во определбата на ЕСЕ за обезбедување навремена и соодветна помош и поддршка на жените жртви на насилство.

Во 2013, 2014 и 2015 година продолживме да спроведуваме активности што имаа за цел: унапредување на здравјето на Ромите (опфат на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги, опфат на жените Ромки со превентивни гинеколошки услуги и остварување на правото на здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на правата на пациентите); унапредување на репродуктивното здравје на жените (опфат на жените со скрининг на рак на грло на матка и рак на дојка); јакнење на капацитетите на граѓанските организации; и унапредување на транспарентноста и отчетноста на јавните институции. Работејќи кон постигнување на овие цели, ги користевме следните методологии: социјална отчетност – мониторинг на буџети, мониторинг во заедницата и социјална ревизија; правно оспособување – обезбедување на параправна и правна помош; и родово одговорно буџетирање. Практично, во 2013 година, покрај методологиите на мониторинг и анализа на буџети и мониторинг во заедницата, заедно со ромските партнерски организации започнавме со подготвителни активности за применување на методологијата на социјална ревизија. По четири години од напоредно спроведување на методологиите на социјална отчетност и  правно оспособување, во 2014 година започнавме со процесот на стратешко планирање за нивно спојување. Имено, и двата пристапи имаат за цел унапредување на здравјето на маргинализираните групи со кои работиме, при тоа работејќи во исти средини и со иста целна група. Спојувањето има за цел зголемување на ефикасноста на нашето работење во насока на максимално користење на можностите и користа од спојувањето на двата пристапа. Кон спојувањето на двата пристапа од големо значење беше соработката со Универзитетот Џонс Хопкинс. Во 2015 година, ЕСЕ, во соработка со експерти од Универзитетот Џонс Хопкинс од Балтимор, САД, започна процес на соработка и планирање за да се спроведе истражување  во однос на влијанието на интервенциите за пристап до правдата за здравјето на Ромите. Меѓутоа, откако ЕСЕ го подготви прашалникот за влез во ромските домаќинства (опишан во делот Спојување на концептите за социјална отчетност и правно описменување и оспособување на овој извештај), експертите од Универзитетот Џонс Хопкинс понудија да обезбедат експертска помош во процесот на негова финализација, како и подготовка на целиот протокол за негово спроведување. Исто така, самиот процес на влез во ромските домаќинства и пополнување на прашалникот ќе биде искористен со цел да се измери влијанието на двете интервенции што досега ги спроведуваше ЕСЕ со партнерските организации – социјална отчетност и правно описменување и оспособување.

Со цел да се надмине недостигот на релевантни податоци за здравствената состојба на ромското население, здравствените детерминанти и пристапот до здравствена заштита, почитување на човековите права во здравствената заштита и усогласеноста на домашното законодавство со меѓународно утврдените стандарди за почитување и спроведување на здравствените права, во 2013 година, во соработка со надворешни експерти, тимот на ЕСЕ спроведе истражување и подготви студија во однос на погоре наведените прашања. Во истата година, ЕСЕ, во соработка со ромските партнерски организации ЦДРИМ, РРЦ, Лил и КХАМ, на 8-ми ноември ја организираше националната конференција „Здравјето на Ромите – пристап, предизвици и можности за подобрување“. Целта беше да се презентираат основните концепти за подобрување на пристапот до здравствените услуги и остварување на правата од областа на здравствената заштита на Ромите, кои во изминатите години беа применети од страна на ЕСЕ и партнерските организации со поддршка на Фондацијата Отворено Општество Македонија.

Имајќи ги предвид потешкотиите со кои се соочуваат Ромите, ЕСЕ, во соработка со ромските партнерски организации: Центар за демократски развој и иницијатива – ЦДРИМ, Шуто Оризари; Ромскиот ресурсен центар – РРЦ, Шуто Оризари и НВО „КХАМ“, Делчево, од 2011 година наваму обезбедува параправана помош и поддршка за локалното ромско население со цел заштита на нивните здравствени права (права на пациенти, права на здравствена заштита и права на здравствено осигурување). Во периодот 2013–2015 година презедовме низа активности што редовно секоја година ги спроведуваме како дел од обезбедувањето на техничка помош и поддршка на ромските партнерски организации, односно спроведовме низа активности насочени кон институционално јакнење на организациите, како и јакнење на координаторите и параправниците, ангажирани во програмите за параправна помош и унапредување на начинот на работење, постапување и прибирање податоци од страна на параправниците. Во 2013 и 2014 година тимот на параправници се зголеми, прво во с. Црник, општина Пехчево, а потоа и во Шуто Оризари. Од 2012 до 2015 година на вкупно 1 988 Роми[1] им била обезбедена параправна помош и поддршка.

Во насока на промовирање на човековите права во здравствената заштита, во 2013 и 2014 година работевме на континуирано обновување на содржините на Прирачникот за практичари и тематската веб-страница www.healthrights.mk, како и на градење на капацитетите на правниците и претставниците на здруженијата на пациенти за можностите за стратешко застапување на одредени случаи на прекршување на правото на здравје и во однос на човековите права во здравствената заштита.

Преку Центарот за правна помош, Психолошкото советувалиште и Здравствено информативниот центар и во текот на 2013–2015 година продолживме да ја обезбедуваме потребната правна, психолошка и здравствена информација и помош, советување и упатување на клиентите до соодветни надлежни институции за остварување на нивните права. Во овој период на 605 жени им обезбедивме правна помош, додека на 11 им обезбедивме и бесплатно судско застапување. На 136 жени им обезбедивме психолошка помош, додека на 130 жени им обезбедивме соодветна здравствена информација, совет и услуга. 

Иако замислени како столб на граѓанско-правниот систем на заштита, привремените мерки за заштита на жртвите на семејно насилство во недоволна мера се имплементираат од страна на институциите со законски мандат за нивно иницирање, изрекување, спроведување и следење. Поради тоа во 2013 година ЕСЕ започна со спроведување на активности што ќе овозможат значително подобрување на граѓанско-правниот систем на заштита, односно постапување во судските предмети за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство во четири основни суда во РМ.  Во 2014 година во партнерство со Ла Страда и Коалицијата за здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници, како продолжение на напорите за унапредување на правната и судската заштита на жените  жртви на насилство, ЕСЕ започна со реализација на проектот на УСАИД за правна заштита на жените. Овој проект се спроведува во периодот 2014–2017 година и ќе резултира со подобрена имплементација на националните и меѓународните стандарди за судска заштита на жените жртви на дискриминација и насилство; унапредена национална законска рамка за заштита на правата на жените; и поефикасно  обезбедување на правна помош на жените жртви на дискриминација и насилство од страна на граѓанските организации.

Во периодот 2013–2015 година  подготвивме, поднесовме и известувавме за извештаи во сенка кон три меѓународни документи за правата на човекот. Во 2013 година во рамки на процесот на Универзален периодичен преглед при Советот за човекови права во Женева ги презентиравме клучните сфери на загриженост и препораките за унапредување на здравствениот статус на повеќе ранливи групи во Р. Македонија, односно на: Ромите, лицата кои живеат со ХИВ/СИДА, ЛГБТ-лица, жените, лицата со интелектуална попреченост и жртвите на трговија со луѓе. Истата година заедно со Акција Здруженска известивме за состојбите во однос на состојбата на жената во РМ. Во 2015 година ЕСЕ започна со подготовка на извештај во сенка за правото на здравје кон Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права при ООН (МПЕСКП)  и поднесе посебен Извештај за дополнителни прашања во однос на правната рамка за заштита на жените жртви на насилство при Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените на ООН.

 

Во периодот 2016- 2018

 

Овој тригодишен период за нас преставуваше период во кој во континуитет работевме на утврдените стратегиски определби, но исто така и период во кој полето на работа, пристапите и начинот на работење го унапредувавме со цел зголемување на влијанието и постигнување на максимални резултати. Сериозно и посветено работевме на градење на капацитетите на граѓаните, ГО и јавните институции со кои работиме.  Но, подеднакво внимание обрнавме и на организацискиот и институционален развој на ЕСЕ, посебно истакнувајќи го  зголемувањето на тимот и видливоста на работењето на ЕСЕ. 

Работејќи на зајакнување и промоција на вклучувањето на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оценка на законската регулатива, буџети и услуги преку социјална отчетност и правно зајакнување во овој период двојно го зголемивме бројот на граѓански организации (од три на седум) на кои им обезбедуваме техничка поддршка во спроведување на овие пристапи. Ова зголемување се должи на проширувањето на полето на вклучување на граѓаните во планирање, спроведување и оценување на уште едно социјално и економско право, односно на правото на вработување. Работевме и на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации од Југоисточна Европа на кои им обезбедивме обука и експертска поддршка за применување на овие пристапи. Од две организации на кои вообичаено им обезбедуваме ваков вид на помош и поддршка, во 2018 година ваков вид на обука и размена на искуство обезбедивме на 18 организации. Земавме учество и во Европските иницијативи за унапредување на здравјето на Ромите. Во овој период напоредно работевме и на зајакнување на капацитетите на јавните институции за вклучување на граѓаните и ГО-и во процесите на планирање, спроведување и оценка на законската регулатива, буџети и услуги.  Како резултат на нашите заложби со помош на методологиите на социјална отчетност  Министерството за здравство ќе го следи спроведувањето на здравствените програмите, а Агенцијата за вработување ќе го следи спроведувањето на програмите и мерките за вработување и услуги кои ги нуди оваа агенција.

Со цел подобрување на пристапот до услугите за здравствена заштита за жените и Ромите, во 2016  година ги спроведовме последните подготвителни активности за применување на интегрираниот пристап. Членови на заедниците во кои работиме и ги спроведуваме активностите за прва пат земаа активно учество во работа со заедницата во улога на аниматори.  За нив и ГО подготвивме  “Водич за работа за партнерските ромски организации и аниматорите за спроведување на интегрираниот пристап” и го финализиравме прашалникот за проценка на состојбите и потребите на ромските домаќинства во однос на здравствената состојба, социјалните детерминанти што влијаат врз здравјето, пристапот до здравствените услуги и нивниот квалитет. Во 2017 и 2018 година  започнавме со практична имплементација на интегрираниот пристап, а во 2018 година го зголемивме бројот на Роми опфатени со нашите активности. Во 2018 година работата на прашањето за подобрување на здравјето и пристапот кон здравствени услуги за жени, мајки и деца  ја издигнавме на повисоко ниво. Односно, од парцијално разгледување на поединечни прашања и состојби, нашиот предмет на интерес го насочивме кон посеопфатно и поцелосно разгледување на прашањето кое ги опфаќа сите претходни. Па така, во 2018 година  формиравме група на професионалци- практичари и  професори за утврдување на причините за порастот на перинаталаната и новороденечката смртност и со нивна помош прибравме релевантни  податоци и подготвивме  анализи за одделни аспекти на ова прашање. Уште повеќе, во 2018 година започнавме со мониторинг на целокупниот буџет наменет за унапредување и заштита на женското репродуктивно здравје и влијанието на постоечките макроекономски политики врз пристапот до здравствена заштита и услуги на жените, мајките и децата. Застапувајќи се за унапредување на состојбите во јавното здравство активно учествувавме во работните групи за подготовка на измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита,   работната група за подготовка на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и мисиите на Светската здравствена организација и Министерството за здравство за намалување на новороденечка смртност, унапредување на здравјето на жените за време на бременоста, како и мисијата за унапредување на здравјето на децата и реформи на примарната здравствена заштита.

Во 2018 година за прв пат спроведовме мониторинг во заедницата со што опфативме  826 лица, од кои 407 мажи и 419 жени во четири града низ Републиката и за прв пат ја утврдивме состојбата по однос на пристапот и користењето на активните мерки за вработување и услугите кои ги обезбедува Агенцијата за вработување во повеќе населени места преку вклучување на граѓаните.

Значаен дел од нашето работење беше посветен на  обука на параправниците, како еден од неформалните начини за обезбедување на параправна помош на  Ромите, сексуалните работнички, текстилните работници и други ранливи групи на граѓани во нашата земја. Па така, во 2017 година обуката за параправници за здравствената заштита, здравственото осигурување и заштитата на правата на пациенти Роми ја проширивме на повеќе области на правото кои им се потребни за заштита на секојдневните за група на 35 параправници кои работат под закрилата на шест граѓански организации.

Обезбедувањето на податоци и информации за мониторинг на спроведувањето на здравствените програми  и постапките за јавни набавки во здравството, како и работењето на полето на фискална транспарентност ни овозможува секоја година да го оценуваме нивото на проактивна и реактивна транспарентност, како и  оценување на  и транспарентноста на постапките за јавни набавки. Од година во година го зголемуваме бројот на институции, односно постапки кои ни беа предмет на мониторинг. По долгогодишно работење на полето на транспарентност и отчетност, овој период го одбележаа значајни постигнувања. Како резултат на нашите напори беа прифатени пет мерки за унапредување на фискалната транспарентност, пристапот до информации и транспарентноста во меѓународната помош во Акцискиот план за Отворено владино партнерство за 2016 – 2018 година и пет мерки за унапредување на фискална транспарентност и пристап до информации во процесот Акцискиот план за 2018 – 2020 година. Поточно, Владата на РМ го задолжи Министерството за здравство да ги финализира и објави извештаите за програмска и буџетска имплементација на превентивните и куративните програми и да започне со пилотирање на методологиите на социјална отчетност, по што ова министерството со техничка помош и поддршка на ЕСЕ ги подготви и објави извештаите.  Исто така, Владата на РМ усвои листа на документи и информации кои јавните институции треба да ги објавуваат на своите интернет страници, додека Бирото за јавни набавки воведе можност за објава на доделените договори за јавни набавки за постапките за доделување на договор за јавна набавка.

Дадовме значаен придонес кон зголемување на јавната свесност за прашањето за пристап до информации од јавен карактер преку одбележување на Меѓународниот ден на правото на слободен пристап до информации и соработка со Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Редовно подготвувавме и поставуваме информации преку кампањата “Фискална Транспарентност Македонија” и истоимената интернет страница. Презедовме чекор повеќе на полето на зголемување и популаризирање на работата на ЕСЕ во јавноста. Само во 2018 за зголемување на јавната свесност за значењето на фискалната транспарентност  и потребата од буџетирање засновано на приоритети преку кампањата, правото на вработување и пристап до активните програми и мерки за вработување и воопшто за сите прашања на кои работи ЕСЕ подготвивме 1.184 информации.  Содржините поставени на социјалните медиуми за сите три прашања беа посетени во приближно 2,1 милион наврати, додека содржините објавени на трите интернет страни допреа до 12,5 илјади лица.

И во овој период во континуитет работевме на унапредување на пристапот до правда и правната заштита на жените кои претрпеле насилство преку спроведување на мониторинг на кривични и граѓански судски постапки поврзани со насилство врз жените, а за обезбедување на подетални информации, спроведовме длабинска анализа на 33 завршени кривични предмети за семејно насилство во 2017 и 2018 година. Судиите од основните судови со кои работиме ги вклучивме во процес на подготовка на стратегија за застапување и заедничко дејствување во насока на надминување на идентификуваните проблеми. Напоредно со овие системски заложби, обезбедивме бесплатна правна помош и совети на над 500 лица кои претрпеле насилство и обезбедивме психосоцијална поддршка на над 100 жени кои претрпеле семејно  насилство преку Центарот за правна помош на ЕСЕ. Бесплатно судски застапувавме 15 жени кои претрпеле насилство во повеќе судски постапки. Меѓународните дена на активизам против насилството врз жените ги одбележуваме секоја година, а во 2018 година организиравме кампања спроведена со познати јавни личности. Со фотографиите на јавни личности проследени со пораки за поддршка на жените кои претрпеле насилство допревме до 35.000 лица. Во 2018 година со Акција Здруженска, ЛА СТРАДА и Коалицијата Маргини го поднесовме паралелниот извештај кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените и учествуваме 71-вата сесија на Комитетот за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените, со што придонесовме за зголемување на меѓународниот притисок врз нашата држава за спроведувањето на меѓународно прифатените стандарди за заштита на женските човекови права. 

Презедовме три одделни иницијативи во насока на системски промени и прибирање на податоци од кои се согледува потребата и корисноста од неформалните начини на правна заштита. Имено, подготвивме анализа на трошоците и придобивките од обезбедување на различните видови на бесплатна правна помош;  анализи на  трошоците за правна заштита и пристап до правда на жените кои претрпеле насилство и во 2018 година овие напори ги надополнивме со прибирање и анализа на податоците за користењето на правото на ослободување од судски такси и други трошоци во судската постапката во граѓански судски спорови  за жените кои претрпеле насилство. Како партнери на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, односно Коалиција Маргини  во 2017 и 2018 година го промовиравме владеењето на правото и еднаквиот пристап до правдата за сите како една од Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Утврдивме листа на индикатори по која прибиравме податоци за спроведувањето на оваа цел во нашата земја, а исто така, прибиравме и податоци од ГО кои работат на пристап до правда во насока на континуирано и унифицирано прибирање на податоците.

Овој тригодишен период донесе промени на организациски и институционален план. Персоналот на ЕСЕ го зголемивме за три нови члена, односно асистентката за обезбедување на правна и психолошка помош и асистенката за мониторинг и анализа на буџети во 2017 година и асистенката за комуникации и односи со јавноста во 2018 година. Усвоивме и измени и дополнувања на повеќе интерни документи и во 2017 година ги дефиниравме новите стратегиски определби на ЕСЕ за следните три години. На институционален план подготвивме правилници за конфликт на интереси, застапување и ги мапиравме сите работни процеси.



[1] Во 2012 година била обезбедена помош и поддршка на 587 Роми;  во 2013 година на 391 Ром; во 2014 година на 500 Роми и во 2015 на 520 Роми.