Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Почетна обука за мониторинг во заедницата и средба за размена на искуства од имплементирање на методологијата за мониторинг во заедницата

Здружението ЕСЕ во периодот од 10 до 12 февруари 2015 година во соработка со Програмата за јавно здравство при Фондациите Отворено Општество, Њујорк, Будимпешта и Македонија; Анурада Јоши, од Институтот за развојни студии во Лондон; Абиџит Дас, од Центарот за здравствени и социјални права во Индија; Зоран Биковски од НВО КХАМ, Делчево,  спроведе почетна обука за примена на методологијата на мониторинг во заедницата, наменета за три граѓански организации од Романија. На почетната обука, организациите се запознаа со значењето на оваа методологија, начинот на нејзино применување, алатките кои се користат при спроведување на истата, начинот на примена на методологијата во Р. Македонија, како и клучните придобивки од применета на истата.

По завршување на почетна обука, во периодот од 13 до 14 февруари 2015 година, Здружението ЕСЕ учествуваше на првата регионална конференција на организации од Македонија, Бугарија и Романија кои работат на полето на мониторинг во заедницата. Конференцијата имаше за цел на едно место да ги собере сите организации од Југоисточна Европа кои работат на полето на мониторинг во заедницата и да овозможи размена на искуства од досегашната примена на оваа методологија. На конференцијата присуствуваа преставници на вкупно 14 организации од регионот.

Повеќе...

Државата троши повеќе за лекување наместо за превенција од рак

Во здравството најмногу пари се трошат за реконструкција и изградба на објекти, за администрација и лекување, а најмалку за превенција на најтешките заболувања. Програмите за превенција од малигни заболувања или не се применуваат или континуирано се намалуваат средствата предвидени за оваа намена.

Сето ова се одразува на штета на пациентите, на нивното здравје, се кратат нивните права, а државата троши повеќе средства за лекување наместо навреме да се откријат заболувањата. Во ПРОЦЕС на оваа тема разговараме со Борјан Павловски и Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ.

  Извор: Нова ТВ - 05.02.2015

 

Информација за медиуми по повод Светскиот ден за борба против карциномот, 04 февруари 2015 година

Светскиот ден за борба против карциномот оваа година се спроведува под слоганoт Сите не засега и има за цел да промовира позитивен и проактивен пристап во борбата против карциномот, притоа потенцирајќи дека карциномот може да се надмине. Светскиот ден за борба против карциномот претставува можност за зголемување на свесноста на индивидуално ниво, на ниво на заедница, како и на владино ниво, со цел да се мобилизираат потребните ресурси и да се поттикне позитивна промена.

Овогодинешната кампања се фокусира на: избор на здрави животни стилови, обезбедување на можности за рано откривање, пристап до лекување за сите и унапредување на квалитетот на живот.

Една од областите во кампањата за 2015 година е промовирање на раната детекција како клучна мерка во борбата против карциномот. Според Светската декларација за карцином и Глобалниот акциски план за превенција и контрола на хроничните незаразни заболувања 2013 – 2020, секоја земја треба да обезбеди скрининг на населението за рана детекција на карциномите за кои постојат скрининг методи, вклучувајќи ги и карциномот на ракот на грлото на матката и карциномот на дојката. Со воведување на овие методи значително ќе се намали стапката на смртност предизвикана од овие карциноми.

Владата на РМ секоја година усвојува Програма за рана детекција на малигни заболувања која е сочинета од следните  компоненти: скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на дебелото црево, скрининг за карцином на простата и скрининг за карцином на дојка. И покрај тоа предвидените активности за рано откривање на карцином на дојка не се спроведуваат, а во последната година (2014) активностите не се соодветно планирани, во смисла дека не се наведени: целната популација на жени, периодот на поканување на жените и извршителите на програмата.

Повеќе...

Работилница за стратешко планирање и комбинирање на методологиите за социјална отчетност и правно описменување и оспособување

Работилницата за стратешко планирање и комбинирање на методологиите за социјална отчетност и правно описменување и оспособување се одржа во периодот од 19 до 21 јануари 2015 година, во просториите на Здружението ЕСЕ. Оваа работилница е прва од низата работилници предвидени за планирање на процесот на спојување на активностите кои ЕСЕ во соработка со партнерските организации ги спроведува на полето на мониторинг во заедницата, социјална ревизија, буџетски мониторинг и параправна помош. Целиот процес на планирање се спроведува со помош на меѓународен експерт во оваа област, Волтер Флорес извршен директор на CEGSS (Center for Study of Equity and Governance in Health System), Гватемала и долгогодишен соработник на ЕСЕ. На работилницата присуствуваа претставници на ЕСЕ, НВО КХАМ и ФООМ. За време на работилницата беа разгледани активностите кои ЕСЕ и партнерските организации  ги спроведуваат во оваа област на работа, а воедно беа разгледани  и можностите за нивно спојување.

Последна работна средба за подготовка на прашалници за судско набљудување

Како дел од проектот на УСАИД за правна заштита на жените, Здружение ЕСЕ на ден 27.01.2015 година ја организира последната шеста работна средба за подготовка на прашалници за обезбедување на податоци за судски предмети поврзани со насилство и дискриминација врз жените.  Претходно, во текот на месец декември 2014 и јануари 2015 година беа организирани пет работни средби на кои беа подготвени прашалници за обезбедување на основни податоци од основните судови и основните јавни обвинителства, како и посебни прашалници за тековно набљудување на судски предмети од ваков вид. Прашалниците за набљудување на судски предмети ќе бидат искористени за обезбедување на податоци за тековните судски предмети поврзани со насилство и дискриминација врз жените во текот на наредните две години. 

Во процесот на подготовка на прашалниците се вклучија претставници од ранливите групи, граѓански, кривични и прекршочни судии, обвинител, адвокати, како и претставници на партнерските организации вклучени во проектот, Ла Страда и Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници. Набљудувањето на судските предмети ќе го вршат набљудувачи на Коалиција Сите за правично судење.

Основна цел на овој тригодишен проект е подигнување на степенот на правна заштита на жените жртви на дискриминација и насилство во нашата држава. Собирањето на податоците за постапувањето на судиите во овие случаи ќе биде искористено за подготовка на анализа со препораки за унапредување на заштитата која се обезбедува од страна на судството и останатите релевантни институции на ова поле.

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар