Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Семинар за „Менување на наративите кон Ромите во контекст на здравствената заштита“

Семинарот за „Менување на наративите кон Ромите во контекст на здравствената заштита“ беше организиран од страна на Фондациите Отворено општество - Њујорк и Американско-Австриската Фондација во периодот од 26 – 31 октомври 2014 година во Салцбург, Австрија. Семинарот беше наменет за граѓанските организации и здравствени работници од Македонија, Србија, Бугарија, Романија и Унгарија. На семинарот учествуваше координаторот на Програмата за јавно здравје и здравје на жените од Здружение ЕСЕ. Воедно на семинарот од страна на претставникот од ЕСЕ беа презентирани наодите од истражувањето „Сите сме луѓе: секому здравствена заштита без разлика на етничката припадност – Состојбите во однос на здравјето, здравствената заштита и правото на здравје помеѓу Ромите во Република Македонија“. На семинарот учесниците имаа можност да се запознаат со различни техники и методи кои можат да се применат со цел да се надминат негативните наративи кон Ромите во здравствената заштита.

 

Почетна обука за параправници

Во периодот 24-26.10.2014 година Здружението ЕСЕ ја организираше почетната обука за програмите за параправна помош, при што фокусот беше ставен на правата од областа на здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на права на пациенти. Станува збор за редовна активност која се организира еднаш годишно, со цел зголемување на степенот на знаења и вештини на координаторите и параправниците од ромските партнерски организации.

Во однос на концептот значајно е да се напомене дека почетната обука се повторува секоја година во рамките на проектот за параправна помош и при подготовката на обуката и работните материјали посебен акцент се става на две прашања: дали во изминатиот период се ангажирани нови параправници или координатори; кои се последните новини, односно измени во системот на здравствена заштита. Во однос на содржината беа опфатени следните компоненти: систем на здравствена заштита во државата, права и обврски од здравствена заштита и здравствено осигурување, права на пациентите и механизми за заштита, улогата на државниот здравствен и санитарен инспекторат.

На обуката свое обраќање имаа Борјан Павловски од ЕСЕ, Михајло Костовски од Фонд за здравствено осигурување, Ангелина Бачановиќ од Министерство за здравство, како и Вера Менковска од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. На настанот учествуваа координаторите и параправниците од партнерските организации ЦДРИМ И РРЦ од Шуто Оризари, како и КХАМ од Делчево.

 

Работилница за унапредување на здравствените услуги за Ромите преку менување на негативните наративи

Работилницата за унапредување на здравствените услуги за Ромите преку менување на негативните наративи беше организирана од страна на Фондацијата Отворено општество Македонија, во периодот од 31.08. – 03.09.2014 година во Охрид. На работилницата земаа учество двајца претставници од ЕСЕ. При тоа на работилницата од страна на ЕСЕ беа презентирани наодите од истражувањето „Сите сме луѓе: секому здравствена заштита без разлика на етничката припадност – Состојбите во однос на здравјето, здравствената заштита и правото на здравје помеѓу Ромите во Република Македонија“. Посебен осврт беше даден на следните наоди: пристапот на Ромите до здравствените услуги, бариерите во пристапот, однесувањето на здравствените работници кон пациентите Роми, квалитетот на здравствените услуги за пациентите Роми и појавата на дискриминација во здравствената заштита. Сите наоди беа прикажани како споредба на состојбите помеѓу пациентите Роми и пациентите од другите етнички групи, при што од наодите може да се заклучи дека состојбите кај пациентите Роми се понеповолни за разлика од другите пациенти. На крајот од работилницата, ЕСЕ со група од останатите граѓански организации подготвија нацрт план за идната работа на полето на менување на негативните наративи во здравствената заштита за Ромите.

 

Форум за судии „Судските постапки за заштита од семејно насилство – можности за унапредување“

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ на ден 08.07.2014 во Скопје го организираше форумот за судии „Судски постапки за заштита од семејно насилство – можности за унапредување“. Настанот е дел од проектот “Поглед однадвор” – Дали и како се обезбедува потребната судска заштита на жртвите на семејно насилство при изрекување на привремените мерки за заштита? кој се спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, имплементиран од Фондацијата Отворено општество  - Македонија.

На форумот беа презентирани наодите од анализата подготвена врз основа на набљудувањето на тековни и увидот во завршени судски постапки за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство во десет основни судови во државата: Велес, Битола, Куманово, Тетово, Штип, Радовиш, Гостивар, Делчево, Дебар и Струмица. Основна цел беше да се разменат искуства помеѓу основните судови и да се продискутираат можностите за унапредување на судското постапување од страна на граѓанските судии од различните судови од државата кои постапуваат во овие судски постапки со што ќе се подигне степенот на судска заштита на жртвите генерално. Заклучоците и препораките од форумот се инкорпорираа во финалниот текст на анализата за постапувањето на судиите при изрекувањето на привремените мерки за заштита од семејно насилство.

 

 

Трета континуирана обука на програмите за параправна помош, оддржана на ден 25ти јуни 2014 година

Трета континуирана обука на програмите за параправна помош, оддржана на ден 25ти јуни 2014 година

На ден 25.06.2014 година во канцелариите на ЕСЕ се организираше третата континуирана обука за програмите за параправна помош на тема „„Употреба на дрога, сексуална работа и сервиси за корисници на дроги и сексуални работници/чки во Република Македонија“. Обуката беше испорачана од страна на претставници на Здружение на граѓани ХОПС и на истата присуствуваа координаторите и параправниците од ромските партнерки организации на ЕСЕ.

Цел на оваа обука беше запознавање на претставниците од програмите за параправна помош со човековите права на корисниците/чките на дрога и сексуалните работници/чки, како и со механизмите и сервисите за нивна заштита. Од страна на обучувачите беа обезбедени информации за фактичката состојба на овие ранливи групи, односно за проблемите со кои се соочуваат и нивните потреби. Обуката се организираше за да им се помогне на параправниците во постапувањето и обезбедувањето на параправна помош и поддршка во случаите кога како клиенти се јавуваат претставници на наведените ранливи групи.

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар