Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Услови за ангажман на експерти - Подготовка на план на активности за унапредување на пристапот до правда за ранливи групи на граѓани

Република Северна Македонија е потписник на Резолуцијата на ООН со што е обврзана да презема акции во насока на усогласување на националните закони и политики со меѓународно ратификуваните договори и заложбите за глобален развој кои произлегуваат од овој документ. Една од 17-те цели е Промовирање на мирни и  инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди правда за сите и градење на ефективни, отчетни и инклузивни институции на сите нивоа. Потцелта 16.3 Промовирање на владеење на правото на национално и меѓународно ниво и  обезбедување на еднаков пристап до правда за сите бара од државите да го опфаќаат и пристапот до правда и иницијативите за правно зајакнување како составен дел од економскиот раст и развој и стратегиите за надминување на сиромаштијата.

За Целта 16.3 предложени се индикатори како глобална одредници за следење на прогресот на оваа стратешка цел, но секако потребно е креирање и дополнителни индикатори кои ќе дадат релевантни податоци за владеењето на правото и пристапот до правдата релевантни за нашиот контекст. Со оглед на комплексноста и политичката природа на аспектите од Целта 16.3, овој процес ќе подразбира одредување на националните индикатори  преку вклучување на сите засегнати страни преку процеси на национални консултации и дискусии со релевантните државни институции.

Повеќе...

Јавен повик за пријавување учество во процесот на ко-креирање на Акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година

Скопје, 04 август 2020

Врз основа на член 3  став (2) алинеја (5) и (6) од решението за формирање на Совет за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година бр. 03-1550/1 од 14.04.2020, Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, на седницата одржана на 29.07.2020 година објавува

Јавен повик

за пријавување учество во процесот на ко-креирање на Акциски план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година

Советот за координација и следење на процесот на Отворено владино партнерство и Националниот Акциски план за Отворено владино партнерство 2018-2020 година, на седницата одржана на 29.07.2020 година утврди Постапка за спроведување на консултации со јавноста за креирање на нови приоритети и заложби во рамките на процесот „Отворено владино партнерство”  со цел да се обезбеди навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-креирање на Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2021-2023 година.

Повеќе...

Јавна дебата „Предизвици со кои се соочуваат жените, мајките и децата Роми во пристапот до превентивната здравствена заштита”

На 21 јули 2020 година Здружение ЕСЕ одржа онлајн јавна дебата на тема: „Kако макроекономските политики влијаат врз пристапот до здравствена заштита за жените, мајките и децата“. На јавната дебата воведно обраќање имаше претставничка од Фондацијата Отворено општество Македонија.

На јавната дебата говореа претставници од – Здружение ЕСЕ, ИРИЗ, Романо Чачипе и КХАМ, кои имаа излагање по однос на наодите добиени преку процесот на мониторинг во заедницата и спроведениот прашалник во ромските домаќинства во населбите каде што работат ромските организации во општините Шуто Оризари, Делчево, Виница и Пехчево. Наодите се однесуваат на пристапот до здравствени услуги за женско репродуктивно здравје и здравје на мајките и децата. На дебатата беше дискутирано за проблемите со кои се соочуваат жените, мајките и децата во пристапот до следните услуги: гинеколошка здравствена заштита на примарно ниво, опфат со скринг програмите за рак на грло на матка и рак на дојка, антенатална здравствена заштита, превентивна здравствена заштита на новороденче и доенче, опфат со услугите на патронажната служба, здравствена едукација и услуги за вакцинација и систематски прегледи на децата. На јавната дебата свое излагање имаше и претставничка од НРЦ, која ги изнесе наодите на НРЦ добиени од ромската заедница од општина Куманово по однос на проблемите со опфатот на ромското население со активностите предвидени со Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата.

Повеќе...

Јавна дебата на тема: „Kако макроекономските политики влијаат врз пристапот до здравствена заштита за жените, мајките и децата“

На 21 јули 2020 година Здружение ЕСЕ одржа онлајн јавна дебата на тема: „Kако макроекономските политики влијаат врз пристапот до здравствена заштита за жените, мајките и децата“.

На јавната дебата воведно обраќање имаа претставничка од Фондацијата Отворено општество Македонија и претставничка од Делегацијата на Европската Унија во Р. Северна Македонија.

На јавната дебатаговореа претставници на Здружение ЕСЕ, кои ги изнесоа наодите од работата на ЕСЕ по однос на планирањето и спроведувањето на буџетот за здравствена заштита, како и планирањето и спроведувањето на превентивните Програми на Министерството за здравство (Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите). Посебен осврт беше даден на тоа како недостатоците во планирањето и спроведувањето на здравствените буџети и на програмите негативно се одразуваат врз пристапот на населението до превентивна здравствена заштита, со посебен осврт на женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата. Наодите изнесени од страна на ЕСЕ се базираат на наодите од работата на ЕСЕ во делот на мониторинг и анализа на програмите и буџетите на Министерството за здравство и од работата на полето на анализа на влијанијата на макроекономските политики врз здравствените буџети и врз пристапот до правото на здравје.

Повеќе...

Повик за ангажирање на компанија за осмислување и изработка на едукативни видеа и дебати

Оваа активност е дел од проектот „Give Priority to Gender Equality, поддржан со грант од ЕУ, референтен бр. IPA/2019/413-755. Основна цел на проектот е унапредување на родовата еднаквост и еднаквите можности за ранливите групи на граѓани во областа на социјалните и економските права, односно во областа на родово засновано насилство, вработување и вработливост, здравствени права, пристап до правда и пристап до фискална транспарентност. Конкретно, овој повик за прибирање на понуди е подготвен во рамките на Стратешка цел 3. Унапредување на нивото на фискална транспарентност на јавните институции од областа на економските и социјалните права.

Фискалната транспарентност на јавните институции во Република Северна Македонија редовно се оценува како несоодветна, како од граѓанскиот сектор и така и од релевантните меѓународни организации и институции.Имено, Извештајот за фискалната транспарентност што го подготвува Стејт Департментот на САД, Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија што го подготвува Европската комисија, Индексот за отворен буџет на Меѓународното партнерство за буџети, и многу други релевантни извори, ја потврдуваат ваквата оценка.

Според делот за Македонија од Извештајот за фискалната транспарентност на Стејт Департментот, објавен од Амбасадата на САД, земјата ги исполнува минималните барања за буџетска транспарентност. Буџетот на Република Северна Македонија, вклучително и податоците за јавниот долг, се јавно достапни и јасно ги презентираат планирани трошоци, по категорија и по институција. Сепак, според завршните буџетски сметки, реализираните приходи и расходи во годината не соодветствуваат со она што било планирано во усвоениот буџет. Независниот Државен завод за ревизија редовно ги објавува наодите од своите ревизии, при што извештаите од ревизијата постојано упатуваат на недоследности во работата на јавните институции и даваат препораки за надминување на идентификуваните нерегуларности. Извештаите на Државниот завод за ревизија редовно се разгледуваат во Собранието на Република Македонија, но и покрај тоа не се преземаат никакви мерки за нивно спроведување. Од друга страна, независниот државен ревизор нема институционална моќ и овластувања за да покрене правна акција против јавните институции кои не работат во согласност со законот. Тоа, заедно со критиките за начинот на кој се спроведуваат јавните набавки, се клучните фактори кои ја ставаат Република Северна Македонија во категоријата на земји кои ги исполнуваат минимум стандарди за фискална транспарентност.

Повеќе...

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар