Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Заедничко писмо по однос на откажувањето на мајската пред-сесија на Комитетот за правата на детето на Обединетите Нации

Здружението ЕСЕ го поддржа „Заедничкото писмо по однос на откажувањето на мајската пред-сесија на Комитетот за правата на детето на Обединетите Нации“ (Joint letter on the cancellation of the May pre-session of the UN Committee on the Rights of the Child) упатено до постојаните мисии на Обединетите Нации во Женева и Њујорк. Писмото е подготвено како реакција на откажувањето на мајската пред-сесија на Комитетот за правата на детето поради кризата на ликвидноста на Обединетите Нации, што претставува сериозен преседан кој има негативно влијание врз можноста на Комитетот да ја врши неговата суштинска работа на мониторинг на спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето во земјите членки на ОН. Воедно откажувањето на предсесијата ја оневозможува интеракцијата на Комитетот со граѓанските организации и децата со цел мониторинг на спроведувањето на Конвенцијата.

Оваа состојба се случува во период кога работата на Комитетот е од клучно значење, земајќи ги во предвид многубројните кризи кои се случуваат денес и имаат особено негативно влијание врз децата, вклучувајќи ги вооружените конфликти, климатските промени, загадувањето, губењето на биодиверзитетот, растечката сиромаштија и постоечките нееднаквости, а воедно претставува ограничување на просторот за делување на граѓанскиот сектор.

Во писмото граѓанските организации бараат од сите земји членки на Обединетите Нации да ги исполнат своите финансиски обврски кон ОН и веднаш да ги платат сите потребни придонеси, со цел да се овозможи непречена работа на Комитетот за правата на детето, како и целокупниот систем за човекови права на ОН.

Иницијатор на писмото е граѓанската организација Child Rights Connect, а досега е поддржано од 139 граѓански организации од целиот свет и отворено е и за понатамошна поддршка од страна на сите граѓански организации. Писмото можете да го прочитате и поддржите тука.

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар