Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Соработуваме со практичари од институциите, правосудството и граѓанските организации на локално ниво за подобрување на пристапот до граѓанско правна заштита за жените кои претрпеле семејно насилство

На 17ти октомври 2023 година во Прилеп, Здружение ЕСЕ го организираше вториот форум со практичари од основните судови, подрачните одделенија на Министерството за правда, Центрите за социјална работа (ЦСР) и граѓанските организации (ГОи) од општините Прилеп и Битола, со цел дискутирање на предизвиците и можностите за подобрување на граѓанско правната заштита за жените што претрпеле семејно насилство. Фокусот беше ставен на решавањето на специфичните потреби на жените во секоја фаза од постапката за изрекување на привремените мерки за заштита (ПМЗ) од семејно насилство, вклучително предлагањето, изрекувањето, извршувањето и следењето на ПМЗ.  Претставниците на ЦСР го ги нагласија системските проблеми и специфичните пречки кои оневозможуваат ефективно предлагање и следење на спроведувањето на ПМЗ, како што се недостатокот на човечки ресурси и несоодветната распределба на стручниот кадар, отсуството на континуирана едукација за постапување во овие предмети, одолговлекување на времето кое е потребно да се потврди статусот на жртва, немањето на согласност од самите жртви за поведување на постапката, ненавременото доставување на податоци за пријавените случаи од страна на полиција и недоволната соработка со ОЈО кое треба да ги процесуира предметите каде што има прекршување на изречените ПМЗ.

Друг проблем кој беше нагласен е неможноста да ги препраќаат жртвите во ГОи кои не се лиценцирани од страна на МТСП (поради насоките добиени од министерството), иако станува збор за ГО кои фактички обезбедуваат помош и поддршка на жртвите во нивните заедници. Основните граѓански судии го споделија своето искуство во однос на соработката со ЦСР, времетраењето на постапката и изведувањето на докази, при што ја нагласија потребата за организирање на дискусија помеѓу практичарите со цел воедначување на праксата и зголемување на ефективноста на заштитата која се обезбедува за жртвите на семејно насилство преку овој превентивен механизам. Претставниците на ГОи ги нагласија најчестите проблеми со кои се соочуваат жените кои претрпеле семејно насилство, како и потребата за подобрување на меѓусебната соработка, едукација на практичарите и повикување на одговорност во случаите на несовесно и штетно постапување. Во рамките на дискусијата претставник на ЕСЕ ги образложи предлозите за подобрување на одделните аспекти од постапувањето врз основа на искуството на практичарите, но и врз основа на специфичните потреби на жените кои претрпеле семејно насилство. Посебен фокус беше ставен на потребата за подобрување на начинот на комуникација при првото пријавување на семејното насилство, зголемување на бројот на предлози за изрекување на ПМЗ и подобрување на системот за следење на нивното спроведување од страна на ЦСР, како и поголемо информирање на жените за сите законски можности за ослободување од плаќање на трошоци во постапката согласно Законот за парнична постапка и користење на секундарна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош од страна на граѓанските судии. Настанот беше позитивно оценет од страна на практичарите кои сметаат дека ваков вид на активности во иднина може да придонесе за подобрување на системот за заштита и поддршка на жените кои претрпеле семејно насилство.

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар