Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Обука за претставниците на полиција за подобрување на нивните знаења и вештини за постапување во случаи на семејно насилство

Во периодот 21-23ти декември 2022 година Здружение ЕСЕ во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) организираше обука за претставниците на полиција за подобрување на нивните знаења и вештини за постапување во случаи на семејно насилство. Обуката се организираше во рамките на проектот „Зајакнување на пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство“ кој Здружение ЕСЕ го спроведува со финансиска поддршка на фондацијата Квина Тил Квина од Шведска. По воспоставената соработка МВР номинираше 24 претставници кои зедоа учество на обуката, односно по еден полициски инспектор и двајца униформирани полициски службеници од Секторите за внатрешни работи од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Струмица, Тетово, Битола и Охрид. Обуката беше испорачана од страна на практичари кои имаат богато искуство во постапување и градењето на системот за заштита од семејно насилство: Катина Павловска, психолог во Советувалиште за жртви на семејно насилство во ЕСЕ, Цена Чаловска, поранешен полициски советник во МВР и Стојан Михов, поранешен кривичен судија од Основен суд Штип.

Во однос на содржината, со обуката беа опфатени следните компоненти: Природа и карактеристики на семејното насилство; Постапување на полиција согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство и подзаконските акти (правилници) на МВР за проценка на ризик и спроведување на итната и привремените мерки за заштита (ПМЗ); Постапување на полиција во кривичната постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство. Секоја од наведените компоненти вклучуваше теоретски предавања и практична работа за применување на стекнатите знаења. 

 

 
 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар