На 03 јуни 2022 година, со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија, беше спроведена еднодневна обука наменета за градење на капацитетите на три граѓански организации од Куманово, Шуто Оризари и Прилеп (Мајка, Романо Чачипе и Станица Пет) за примена на методологијата “Photovoice”. На обуката присуствуваа 13 лица. Обуката беше спроведена од страна на Софија Семенпеева Трајановска.
За време на обуката, учесниците дискутираа за клучните проблеми и изложеноста на Ромите на еколошки ризици, како и за влијанието на истите врз нивното здравје. Дополнително, присутните се стекнаа со познавање за развојот на методологијата за Photovoice, основните чекори за нејзино практикување, како и за придобивките до спроведување на оваа методологија. Како резултат на оваа обука, присутните ќе развиваат продукти преку кои сликовито ќе се прикаже реалноста во која живеат Ромите и влијанието на еколошките ризици врз нивното здравје.