Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Соопштение за јавност - Која е цената поради тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?

Месец јануари е месец за подигање на свесноста за ракот на грлото на матката.  Ракот на грлото на матката претставува четврт најчест карцином помеѓу жените. Меѓународната агенција за истражување за рак се фокусира на три приоритети кои имаат влијание врз намалувањето на оптоварувањето од ракот на грлото на матката на глобално ниво, тоа се: (1) вакцинација против ХПВ, (2) навремено лекување на предраковите промени на грлото на матката (3) унапредување на опфатот на жените со скрининг на рак на грлото на матката.

Поради тоа што во Македонија нема соодветно организиран скрининг за рак на грлото на матката само во 2017 година се изгубени 574 години на живот помеѓу жените, поради предвремена смртност од ова заболување.

Поради ненавременото дијагностицирање на ова заболување, Фондот за здравствено осигурување годишно троши најмалку 29 милиони денари за лекување на жените каде што карциномот е откриен во напредна фаза. Жените кај кои ова заболување е откриено во напредна фаза годишно трошат најмалку 11 милиони денари, за трошоци кои се поврзани со заболувањето.

Годишните трошоци поврзани со ракот на грлото на матката (од страна на државата и од страна на жените) се проценуваат на минимум 39 милиони денари. Бидејќи при подготовката на оваа анализа немавме пристап до сите податоци за трошоците, можеме да констатираме дека реалните годишни трошоци се повисоки од оваа сума.

Со цел да се намали смртноста од ракот на грлото на матката и да се намалат трошоците за лекување, државата треба да обезбеди опфат со скрининг за рак на грлото на матката на 80 % од жените на возраст од 24 до 60 години. За да се постигне бараниот опфат, бараме државата за тригодишен период  да одвои 168 728 100[1] денари или во просек 56 242 700 денари годишно за оваа намена.

Со овие средства и со доследно спроведување на скринингот ќе се спречи предвремената смртност и ќе се унапреди квалитетот на животот помеѓу жените. Воедно ќе се избегнат  трошоците на товар на државата и жените, што се резултат на ненавремено откривање на ова заболување.

Наодите произлегуваат од анализата на Здружение ЕСЕ, насловена “Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?“, која Ви ја испраќаме во прилог, а воедно можете да ја најдете и на следниот линк - https://esem.org.mk/pdf/Publikacii/2021/1/Analiza%20na%20trosoci%20za%20rak%20na%20grlo%20na%20matka.pdf

 

Лице за контакт

Борјан Павловски

Координатор на програма за јавно здравје

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените  - ЕСЕ

Тел. 02/3298 295

Е-маил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.



[1] 16 344 900 денари за поканување на 544 833 жени на возраст од 24 до 60 години; 76 276 600 денари за спроведување на ПАП-тестови на 80 % од женската поулација на возраст од 24 до 60 години; 76 276 600 денари за цитолошка анализа на направените ПАП-тестови; 300 000 денари за координација на скринингот од страна на центрите за јавно здравје и 500 000 денари за активностите на мобилната гинеколошка ординација; 30 000 денари за едукативно промотивни материјали.

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар