Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Услови за ангажман на експерти - Унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување

Здружението ЕСЕ е граѓанска организација која работи на подобрување на спроведувањето на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани, преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и оценувањето на јавните политики и услуги во Р. Северна Македонија.

Основана во 1994 година, ЕСЕ е активна и на локално и на национално ниво, како и во платформите на граѓански организации од Централна и Југоисточна Европа.

И покрај амбициозните иницијативи, Ромите во Северна Македонија и другите европски земји продолжуваат да се соочуваат со длабоко вознемирувачка состојба во однос на нивните основни права и бариери за подобрување на нивната добросостојба. Феноменот на “antigypsyism” се покажа како силна пречка за спречување на фер и правичен пристап на Ромите до јавни услуги и исполнување на нивните основни човекови права. Ромите доживуваат социјална исклученост, особено во пристапот до вработување, образование, здравство и социјални услуги.

Прелиминарните наоди од работата на партнерските ромски граѓански организации во ромските заедници покажаа дека претходно споменатите состојби имале сериозно влијание врз ромските лица во периодот на пандемијата КОВИД-19. Лошите услови за живеење, придружени со сиромаштија и недостаток на пристап до информации, резултираа најмаргинализираните Роми да не можат правилно да ги следат неопходните превентивни мерки (често миење на рацете, користење средства за дезинфекција на рацете, купување или миење маски за лице или соодветна самоизолација во домаќинствата). Оваа состојба дополнително ги продлабочува стигмата и дискриминацијата и доведува до перцепција дека Ромите не ги следат заштитните мерки КОВИД-19. Покрај тоа, веќе постоечките бариери во однос на  пристапот до примарни здравствени услуги може да го спречат пристапот на ромските заедници до грижата за COVID-19. Како илустрација, во 2020 година во општината Шуто Оризари, немаше  општ лекар на примарно ниво и установа за тестирање на КОВИД-19.Пандемијата, исто така, влијаеше негативно на социјалните детерминанти на здравјето. Многу маргинализирани Роми не беа во можност да остварат приход за време на пандемијата, бидејќи работат во неформална економија, особено за време на рестрикциите. Покрај тоа, неформалното вработување направи многу Роми да не бидат подобни за мерките за економска поддршка на Владата. Недостаток на навремени и соодветни информации, придружени со неписменоста, особено дигиталната неписменост, претставуваа пречки за пристапот на Ромите до економските мерки на Владата.

Воведениот начин на школување воведе нова бариера за пристап до образование за децата Роми кои немаат пристап до потребната технологија за следење на онлајн наставата. Овие услови се очекува да имаат долгорочно негативно влијание врз здравјето на Ромите по пандемијата и да ги продлабочат постојните здравствени нееднаквости. Горенаведената ситуација сугерира дека донесените мерки за ограничување на пандемијата на национално ниво треба подобро да ги рефлектираат потребите на маргинализираните Роми. Во идни кризни состојби, социјалните детерминанти во кои работат и живеат Роми може да преставуваат значителен предизвик за подготвеноста на заедницата за навремена реакција и закрепнување.

 

1.1. Основна цел и посебни цели

Основна цел на оваа иницијатива е унапредувањето на закрепнување и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување.

Посебни цели:

1)      Спроведување на 5 дневна обука за запознавање на ГО со концептот закрепнување и навремена реакција и процесот на подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција

2)      Подготовка на мапи, односно мапирање на расположливите капацитети на заедниците со подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција

1.2. Ангажман и работни задачи на експертите

За спроведување на посебната цел, предвидено е ангажирање на 2 надворешни експерти кои во соработка со ЕСЕ ќе работат на исполнување на посебно утврдените цели.

Сите релевантни прашања ќе бидат договорени во консултации помеѓу ЕСЕ  и експертите.

 

Со цел спроведување на 5 дневна обука за запознавање на ГО со концептот и процесот на подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција експертот ќе треба да ги преземе следните активности:

  - да подготви програма за обука за претставници на ГО, односно теоретски и интерактивен дел за 5 дневна обука;

  - да подготви материјали за обука

  - да спроведе тестирање на предзнаењата на учесниците пред одржување на обуката;

  - да спроведе 5 дневна обука;

  - да спроведе пост тестирање на стекнатите знаења на учесниците на обуката.

 

Со цел подготовка на мапи, односно мапирање на расположливите капацитети на заедниците во насока на подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција експертот ќе треба да ги преземе следните активности:

  - да се запознае со претходните активности на ГO поврзани со мапирање на заедницата и нивниот предмет на работа;

  - да ги посети заедниците во кои ќе се врши мапирањето и да спроведе подготвителни интервјуа со претставниците на ГО;

  - да го испланира процесот на мапирање и да подготви кратка информација за тоа како ќе се одвива овој процес;

  - да ја обезбеди потребната техничка помош и поддршка на 4 организации во мапирање на заедницата;

  - да даде сугестии и ги учествува при финализирање на мапите;

  - да обезбеди техничка поддршка во идентификување на релевантните актери на локално ниво кои можат да помогнат во закрепнувањето и навремената реакција и да им помогне на ГО и членовите на Советот да подготват планови за закрепнување и навремена реакција во кризни состојби.

 

1.3.  Продукти

Како резултат на предвидениот ангажман, експертите треба да ги подготват следните продукти:

 

Посебна цел:

1)      Спроведување на 5 дневна обука за запознавање на ГО со концептот и процесот на подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција

  - Програма за обука

  - Презентации и работа во групи за обуката, односно материјали за обука

  - Прашалник за тестирање пред обуката

  - Прашалник за тестирање по обуката

  - Извештај од спроведена обука

2)      Подготовка на мапи, односно мапирање на расположливите капацитети на заедниците во насока на подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција

-  Методологија на процесот на мапирање и подготовка на насоки за мапирање

-  Презентација за спроведување на процесот на мапирање

-  Презентација на процесот на идентификување на останати клучни актери и елементите што треба да ги содржи планот за закрепнување и навремена реакција

-  Извештај за спроведени активности

 

1.4.  Квалификации на експертот

Експертите треба да ги имаат следните квалификации:

-  Најмалку 5 години искуство во работа на закрепнување и навремена реакција во кризни состојби

-  Докажано искуство во подготовка и спроведување на планови за закрепнување и навремена реакција во кризни состојби

-  Докажано искуство во работа со ранливи групи на граѓани

 

1.5.  Буџет и временска рамка

За ангажманот на експертите е предвиден финансиски надомест во вкупен бруто износ:

1)      Спроведување на 5 дневна обука за запознавање на ГО со концептот и процесот на подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција во бруто износ од 3.000 УСД за работен ангажман од 15 дена

2)      Подготовка на мапи, односно мапирање на расположливите капацитети на заедниците во насока на подготовка на планови за закрепнување и навремена реакција во бруто износ од 2.000 УСД за работен ангажман од 10 дена.

 

Период на имплементација на работните задачи од страна на експертите е три месеци мај, јуни и јули 2021 година.

 

1.6.  Потребана документација за аплицирање

-  Кратка биографија и

-  Листа на проекти на проекти и ангажмани поврзани со закрепнување и навремена реакција во кризни состојби, вклучувајќи и работа со ранливи групи на граѓани.

 

Потребните документи треба да се достават на е-маил адреса  Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.  со назнака “Повик за експерти за унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција на ромската заедница во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување” најдоцна до 25 мај 2021 година. 

 

18.05.2021

 

 

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар