Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Повик за ангажирање на двајца новинари за осмислување и спроведување на активности за организирање на јавни настани и комуникација со јавноста и медиумите во време на пандемија, како и промоција на работењето на ЕСЕ

Оваа активност е дел од проектот „Give Priority to Gender Equality, поддржан со грант од ЕУ, референтен бр. IPA/2019/413-755. Основна цел на проектот е унапредување на родовата еднаквост и еднаквите можности за ранливите групи на граѓани во областа на социјалните и економските права, односно во областа на родово засновано насилство, вработување и вработливост, здравствени права, пристап до правда и пристап до фискална транспарентност..

1. НАШАТА ВИЗИЈА И МИСИЈА

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ е граѓанска организација, основана во 1994 година. Работиме на локално, национално и во регионот на Централна и Југоисточна Европа во соработка со партнерски граѓански организации.

Работиме на подобрување на имплементацијата на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани, преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и оценувањето на јавните политики и услуги; oбезбедување на еднаков пристап до правда и унапредување на фискалната транспарентност на институциите во областа на социјални и економски права.

Овие три стратегиски приоритети ги одразуваат нашите верувања дека социјалните и економските права треба да бидат највисок приоритет на државата и дека нивното спроведување треба да се темели на интересите и потребите на граѓаните, според принципот за распределба на максимални расположливи ресурси, прогресивно остварување на правата и недискриминација.

2. ВИЗИЈА

Движечката сила на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ е неговата посветеност на решавање проблеми. Преку нашата работа на промоција и унапредување на човековите права, ние всушност ја подобруваме социјалната и економската правда, имајќи предвид дека човековите права претставуваат исклучително корисна збирка на стандарди што треба да ги уживаат сите луѓе. Посебен фокус на нашата работа се промоцијата и унапредувањето на здравствените права и правата на жените. Оттука, нашите две главни цели се однесуваат на: решавање на итните потреби на граѓаните, посебно на потребите на ранливите групи граѓани; и извршување влијание врз јавните политики за постигнување одржливи и долгорочни промени. Нашата работа вклучува многу повеќе од документирање, поднесување извештаи и јавна осуда на неправдите во општеството. Ние обезбедуваме правна и параправна помош, со што им овозможуваме на граѓаните да ги остваруваат своите права и да ги променат своите животни услови. Освен тоа, ние се застапуваме за промени на законодавството и на политиките кои влијаат врз остварувањето на здравствените права и правата на жените. Нашето застапување се одвива на национално и на меѓународно ниво. Конкретно, ние изготвуваме и поднесуваме „извештаи од сенка“ и други документи до надлежните меѓународни тела за степенот на спроведување на меѓународните договори за човекови права.

3. МИСИЈА

Здружението ЕСЕ е граѓанска организација која работи на подобрување на имплементацијата на социјалните и економски права на ранливите групи на граѓани, преку нивно зајакнување, мобилизирање и вклучување во планирањето, спроведувањето и оценувањето на јавните политики и услуги во Р. Македонија.

4. НАШИТЕ ПРИСТАПИ

4.1. Спојување на концептите на социјална отчетност и правно оспособување  

Се залагаме за креирање на здравствени политики и здравствен буџет што се заснова на потребите на ранливите групи граѓани. Односно, се залагаме за максимално алоцирање на расположливите средства и нивно ефикасно користење во насока на доследно спроведување на програмите и политиките во областа на здравството. Потребите и интересите на граѓаните што се појдовна основа во нашето работење ги утврдуваме преку мобилизирање и едукација на населението со цел зголемување на нивното  познавање на здравствените права. Со тоа овозможуваме населението самостојно да го оцени  работењето на здравствените власти и здравствените работници, и уште повеќе, го поттикнуваме самостојно да ги утврди своите интереси и потреби на локално и на национално ниво. На оние на коишто им е потребна помош и поддршка за остварување на здравствените права им обезбедуваме параправна помош и поддршка. Доколку повеќе поединци и членови на заедницата се соочуваат со повреда на одредено право, им помагаме во изнаоѓање на соодветно решение и менување на постојните политики и практики што ги оневозможуваат во уживање на нивните права. Во изминатите години работевме на изнаоѓање на начини за спојување на рзличните пристапи во работење со заедницата со цел зголемување на степенот на ефикасност и координација во утврдување на потребите и застапувањето на интересите на заедницата и нејзините членови.

4.2. Родово буџетирање

Покрај мониторингот и анализата на здравствени буџети, фокусирани сме и на анализирањето на влијанието на јавните политики врз состојбата на жените, односно анализа на буџетите од родова перспектива. Родовото буџетирање го применуваме во однос на повеќе прашања од интерес на жената, како што се подобрување на пристапот на жените до услуги за репродуктивно здравје, подобрување на состојбата на жените што се грижат за тешко болни лица во нивните семејства, спроведување на странската помош за прашања од областа на родова еднаквост, утврдување на правните трошоци на жените кои претрпеле семејно насилство и други. 

4.3. Мониторинг на транспарентноста и отчетноста на јавните институции

Го проценуваме нивото на реактивност и проактивност на јавните институции во објавување и споделување на буџетски и програмски информации и податоци со што настојуваме да го зголемиме степенот на транспарентност и отчетност на јавните институции, а особено на институциите и установите што се дел од јавниот здравствен систем. Преку  учество во меѓународни и национални инцијативи во однос на овие прашања влијаеме на состојбите на национално ниво. Посветено работиме и на јакнење на капацитетите на граѓанските организации во областа на транспарентноста, отчетноста и пристапот до информации и со тоа создаваме поголема критична маса на релевантни актери што  можат да влијаат и да направат промени.

4.4. Мониторинг на спроведување на човековите права

Го следиме степенот на спроведување на меѓународно прифатените обврски од страна на државата, при што идентификуваните сфери на загриженост и препораки ги документираме и за нив известуваме пред меѓународно одговорните тела за правата на човекот. На тој начин влијаеме на менување и унапредување на законите, политиките и практиките. Истовремено се трудиме за сите позначајни повреди на човековите права да ги известиме и да покренеме иницијатива пред назначените специјални известувачи и механизми за заштита на ОН и Европскиот суд за човекови права.

4.5. Оцена на степенот на правна и судска заштита

Се трудиме да ја унапредиме правната заштита на жените кои претрпеле насилство преку работа со судските органи, граѓанските организации и жените кои претрпелe насилство. Работиме на унапредување на степенот на судска заштита преку мониторинг на судските случаи на насилство врз жените и јакнење на капацитети на судиите кои работат на оваа проблематика. Ги идентификуваме пречките и даваме препораки во однос на унапредување на правната заштита и ги јакнеме капацитетите на граѓанските организации во насока на користење на меѓународните и регионалните механизми за правна заштита на жените кои претрпелe насилство.

4.6. Обезбедување помош и информации

Обезбедуваме соодветна и навремена правна и параправна заштита на одредени ранливи групи граѓани. Исто така, ги информираме и ги запознаваме со нивните законски загарантирани права, како и со можностите за нивна заштита. Во отсуство на соодветни политики и заштита на здравствените права, оние случаи каде што според наша проценка можеме да издејствуваме посуштествени промени, ги окарактеризираме како стратешки случаи на застапување и за нив нудиме соодветна помош и поддршка.

Стратешкиот план и годишниот план за работа на ЕСЕ  се достапни на следниот линк:http://www.esem.org.mk/index.php/za-nas/strategija-programi-i-izveshtai-za-rabota.html.

Ограниченоста за физичко спроведување на јавните настани предвидени во годишната програма на ЕСЕ, како резултат на пандемијата со КОВИД 19, како и недоволната медиумска покриеност на областите кои работи ЕСЕ и работата не ЕСЕ, доведе до потребата од ангажирање на двајца новинари (еден под стратешки приоритет еден и еден под стратешки приоритет три).

5. ОСНОВНИ И ПОСЕБНИ ЦЕЛИ

Основна цел на овој ангажман е осмислување и спроведување на активности за организирање на јавни настани и комуникација со јавноста и медиумите во време на пандемија, како и промоција на работењето на ЕСЕ согласно планот за работа на ЕСЕ и рамката на активности на проектот поддржан од ЕУ наведен погоре.

5.1. Новинар број еден, од областа на здравство/социјална заштита/вработување/

Новинарот број еден ќе работи на (1) развивање на план за промоција на работењето на ЕСЕ и резултатите од работењето на ЕСЕ под стратешки приоритет 1; (2) комуницира со останати новинари со цел нивно информирање и мобилизирање за присуство на настани и споделување на информации со јавноста; (3) континуирано следење на вести и настани кои се однесуваат на темите обработувани под стратешки приоритет еден и подготовка на реакции, дописи, информации, и сл; (4) организирање и фацилитирање на два настани  и тоа:

1. Јавен настан за промоција на наодите од спроведеното истражување на национално ниво по однос на можните причини за пораст на перинаталната и доенечката смртност во Македонија во периодот 2011 – 2017 година. Како и презентација на предлог Акционен план за унапредување на здравствената заштита на мајките и децата со цел превенирање на иден пораст на стапката на смртност. Анализата и акциониот план е подготвен во соработка со 13 експерти од ЈЗУ (ГАК, ИЈЗ, ЦЈЗ, ЗД, гинеколог, педијатар, итн.).  Јавниот настан е предвиден за првата половина од септември, 2020 година.

2. Јавен настан за прикажување на резултати од спроведена анализа на национално ниво за пристап на граѓаните до програмите за самовработување, субвенционирано вработување и услугите за вработување, како и износот на потрошени средства (септември или октомври, 2020).

3. Јавен настан за застапување за унапредување на планирањето на превентивните здравствени програми на Министерството за здравство  по однос на здравјето на мајките, жените и децата со фокус на Ромското население(ноември, 2020).

5.1. Новинар број два, од областа на економија/фискално работење

Новинарот број два ќе работи на (1) развивање на план за промоција на работењето на ЕСЕ и резултатите од работењето на ЕСЕ под стратешки приоритет 3; (2) комуницира со останати новинари со цел нивно информирање и мобилизирање за присуство на настани и споделување на информации со јавноста; (3) континуирано следење на вести и настани кои се однесуваат на темите обработувани под стратешки приоритет три и подготовка на реакции, дописи, информации, и сл; (4) организирање и фацилитирање на два настани  и тоа:

1. Јавен настан за промоција на резултати од спроведено оценување на нивото на реактивна и проактивна транспарентност на јавни институции (септември или октомври, 2020)

 2. Јавен настан за промоција на резултати од спроведен мониторинг на јавни набавки кај јавно здравствени институции (октомври 2020)

5.3. Искуство на новинарите

-          најмалку 3 години работно искуство во креирање на медиумски содржини во областа за која аплицираат.

-          искуство во работа со граѓански организации.

5.4. Потребни документи за аплицирање на повикот

-          Кратка биографија.

-          Листа на граѓански организации и теми на кои новинарот соработувал во изминатите три години.

-          Линкови до видеа, текстови и објави публикувани од новинарот на темите од интерес на ЕСЕ.

Потребните документи се доставуваат на е-маил Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. со назнака “Повик за ангажирање на новинари” најдоцна до 17 август 2020 година.

5.5. Буџет и временска рамка

За ангажманот на новинарите е предвиден финансиски надомест во нето износ од 605 ЕУР, во денарска противвредност пресметан  според курсот користен за известување пред ЕУ. Ангажманот на секој од новинарите ќе трае најмалку 6 работни денови, до декември 2020 година.

 

Повик за ангажирање на двајца новинари за осмислување и спроведување на активности за организирање на јавни настани и комуникација со јавноста и медиумите во време на пандемија, како и промоција на работењето на ЕСЕ

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар