Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Повик и услови за ангажман на експерти за Подготовка на Методологија за мерење на пристапот до правда за жени кои претрпеле семејно насилство

УСЛОВИ ЗА АНГАЖМАН НА ЕКСПЕРТИ

- Подготовка на Методологија за мерење на пристапот до правда за жени кои претрпеле семејно насилство

Оваа активност е дел од проектот „Give Priority to Gender Equality, поддржан грант од ЕУ, референтен бр. IPA/2019/413-755. Основна цел на проектот е унапредување на родовата еднаквост и еднаквите можности за ранливите групи на граѓани во областа на социјалните и економските права, односно во областа на родово засновано насилство, вработување и вработливост, здравствени права, пристап до правда и пристап до фискална транспарентност. Конкретно, овој повик за прибирање на понуди е подготвен во рамките на Стратешка цел 2. Обезбедување на еднаков пристап до правда во областа на социјалните и економските права, со цел подготовка на Методологија за мерење на пристап до правда за жените кои претрпеле семејно насилство.

 1. Позадина

Семејното насилство како родово засновано насилство е законски регулирано од 2004 година, со усвојување на одредби во рамките на Законот за семејство и Кривичниот законик. Формално правниот систем за заштита од семејно насилство предвидува итна заштита, помош и поддршка на жртвата, како и инкриминирање на дејствијата на семејно насилство и кривично гонење на сторителите. Во оваа насока, итната заштита на жените се обезбедува преку привремените мерки за заштита кои се изрекуваат во граѓанска судска постапка. Паралелно, инкриминирани се сите форми на семејното насилство (физичко, психолошко и сексуално) и предвидена е кривична одговорност за сторителите на семејно насилство, со предвидени повисоки (затворски) казни за овој вид на кривични дела. Во 2015 година стапи на сила новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, кој во себе ги инкорпорираше одредбите од Законот за семејство и дополнителни одредби за улогата на органите и институциите кои треба да бидат вклучени во системот на заштита. Во 2019 година од страна на МТСП беше инициран процес на подготовка на нацрт Закон за заштита од родово засновано насилство, во кој беа вметнати и законските одредби за заштита од семејно насилство (законот е во фаза на усвојување).

Наспроти законската регулираност, во пракса изостанува спроведувањето на законските одредби, односно ефективната заштита на жените кои трпат семејно насилство. Ситуацијата е понеповолна, дотолку повеќе што постоечкиот  систем за заштита од семејно насилство има сериозни недостатоци кои егзистираат од самото негово воспоставување: недостаток на услуги за жените кои претрпеле семејно насилство; мал број на иницирани постапки за изрекување на привремени мерки за заштита; несоодветно постапување на институциите; ниско ниво на координација помеѓу институциите; неалоцирање на финансиски средства; благо казнување на сторителите на семејно насилство и др.

Земајќи ги предвид наведените недостатоци и пред се нивното ненадминување во еден период од 15 години, неопходно е да се воспостави систем на континуирано следење, алармирање за недостатоците и унапредување на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство. Во оваа насока, Здружение ЕСЕ иницира процес на развивање на методологија за мерење на  пристап до правда за жените кои трпат семејно насилство, која треба да овозможи детално идентификување на недостатоците во граѓанските и кривичната судска постапка за заштита од семејно насилство, но, и можност за континуирано следење на одделните аспекти од постапките и нивното подобрување.

1.1. Основна цел и посебни цели

Основна цел на оваа иницијатива е унапредувањето на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство.

Посебна цел:

- Развивање на Методологија за мерење на пристапот до правда за жени кои трпат семејно  насилство, како основа за континуирано мерење на пристапот до правда.

1.2. Ангажман и работни задачи на експертот

За спроведување на посебната цел, предвидено е ангажирање на надворешен експерт кој во соработка со ЕСЕ ќе работи на развивањето на Методологија за проценка на пристапот до правда за жените кои трпат семејно насилство, како и утврдување на изворите на податоци и инструменти потребни за вршење на проценката.

Методологијата за пристап до правда се подготвува со цел да се утврдат детално недостатоците во наведените постапки, континуирано да се следи состојбата и да се подобруваат одделни аспекти со цел ефективна заштита и унапредување на пристапот до правда за жените кои трпат семејно насилство.

При подготовка на методологијата ќе бидат земени предвид двете највообичаени патеки за разрешување на семејното насилство

- граѓанската судска заштита, која ги вклучува постапката за изрекување на ПМЗ, преку која се обезбедува итна заштита на жените кои трпат семејно насилство; постапката за развод на брак; поделба на имот; поделба на имот стекнат во брак со законска можност проблемот  да го решат во вонсудска постапка односно во вонпарнична или парнична  постапка во зависност од спротивната страна по основ на спорење на  сопственоста; постапка за плаќање издршка; постапки за старателство или промена на судска одлука во делот на доверувањето на малолетните деца; и постапка за иселување од семејниот дом;

- кривичната судска заштита, преку која кривично се казнуваат сторителите на кривични дела за семејно насилство.

Подготовката на методологија ќе ги земе предвид и сите меѓународни и регионални инструменти за заштита на човековите права, односно, инструменти кои се однесуваат на превенција и заштита од семејно насилство. Исто така ќе бидат и разгледани сите глобални и регионални иницијативи и проекти кои се однесуваат на мерење на пристапот до правда.

Сите релевантни прашања ќе бидат договорени во консултации помеѓу ЕСЕ и ангажираниот експерт. 

Со цел подготовка на методологијата експертот ќе треба да ги преземе следните активности:

- да ги идентификува и анализира постоечките методологии за пристап до правда за семејно насилство;

- да подготви методологија за мерење на пристапот до правда соодветно на домашната законска регулатива и институционална поставеност во нашата земја;

- да ги утврди изворите на податоци и потребни инструменти за мерење на пристапот до правда по однос на нацрт методологијата;

- врз основа на утврдените извори на расположливи податоци, да се подготви листа на податоци и начин на нивно собирање.

1.3.   Продукти

Како резултат на предвидениот ангажман, експертот треба да ги подготви следните продукти:

- Методологија за мерење на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство;

- Методолошки инструменти (прашалници) за собирање на податоци;

- Листа на идентификувани извори на податоци.

1.4.   Квалификации на експертот

Експертот треба да ги има следните квалификации:

  • Мимимум високо образование од областа на правните науки;
  • Најмалку 5 години работно искуство во областите  на

човековите права, женските човекови права, насилство врз жените и пристапот до правда;

  • Искуство во развивање на методологии за следење (мерење)  на состојбите со човековите права на ранливите групи на граѓани, подготовка на истражувања и анализи.

1.5. Потребни документи и временски рок

Временскиот рок за пријавување на заинтересираните кандидати е најдоцна до  15ти април 2020 година, при што е потребно да се достават следните документи:

- биографија на кандидатот во ЕУ формат; и

- диплома за завршено образование.

1.6. Буџет и временска рамка

За ангажманот на експертот е предвиден финансиски надомест во вкупен бруто износод 1428 ЕУР, во денарска противвредност пресметана на денот на исплата. Ангажманот на експертот ќе трае вкупно осум работни денови.

Период на имплементација на работните задачи од страна на експертот е четири месеци, односно од април до крај на јули 2020 година.

Повик и услови за ангажман на експерти за Подготовка на Методологија за мерење на пристапот до правда за жени кои претрпеле семејно насилство

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар