Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Информација за медиуми - Јавноста од година во година има се по ограничен пристап до информации за работењето на јавните институции

По повод одбележување на меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер ја информираме јавноста дека Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер не функционира повеќе од една година, поради одложување на изборот на членови на Комисијата и пролонгирање на процесот на трансформација на Комисијата во Агенција. Со ова се крши основното  човеково право за пристап до информации од јавен карактер,  загарантирано со член 16 од Уставот на Република Северна Македонија и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.  

Со цел нормално функционирање на овој значаен механизам за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер инициравме петиција за собирање потписи со која бараме од Собранието на РСМ да  го забрза процесот на трансформација на Комисијата и во најкраток можен рок да именува директор и заменик директор на Агенцијата со што ќе создаде основни услови за нејзино работење.

Потпиши ја петицијата на следниот линк  https://bit.ly/2oTUtBb и заштити го своето право за пристап до информации од јавен карактер!

По скоро 13 години од донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, граѓаните, граѓанските организации и новинарите се уште се соочуваат со пречки во пристапот до информации од јавен карактер, а пак јавните институции се се позатворени за  јавноста. Јавните институции, особено оние на национално ниво, не објавуваат информации за своето програмско и буџетско работење, а пак во официјална постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер обезбедуваат нецелосни податоци. Информациите кои се достапни за јавноста, често се воопштени и се прикажани во форма која не е разбирлива за граѓаните. Во бирократските постапки за пристап до информации од јавен карактер, јавните институции ги користат законските недоречености и ја избегнуваат должноста за обезбедување на детални и прецизни податоци.

Бројот на поднесени жалби во последните три години (2016, 2017 и 2018 година) заради повреда на правото на слободен пристап до информации е 1.999, од кои речиси 70 %  се жалби заради молчење на јавната администрација. Недостатокот на проактивност кај јавните институции пак се потврдува со фактот дека во последните три години (2016, 2017 и 2018 година) биле поднесени 26.385 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, за разлика од предходните три години (2013, 2014 и 2015 година) кога биле поднесени 14.360 барања.

Во таа насока, а со цел унапредување на пристапот до информации со кои располагаат јавните институции во Република Северна Македонија, ЕСЕ бара од Владата на Република Северна Македонија :

  • Да ги задолжи сите јавни институции да ги објават основните  буџетски и програмски документи, како : стратегија за работа, годишни програми, буџетски календар, пред-буџетска изјава, граѓански буџет, предлог буџет и усвоен буџет, предлог измените и усвоените измени и дополнувања на буџетот, буџетски документи во отворен формат (xml и excel), месечни извештаи за извршување на буџет, полугодишен извештај за извршување на буџет, завршната сметка на буџетот, ревизорскиот извештај, податоци за лицето назначено за посредување за информации од јавен карактер и листата на информации од јавен карактер.

  • Да подготви и усвои стратегија за транспарентност на работењето на јавните институции со која ќе осигури јакнење на капацитетите на јавните институции  за континуирано објавување на информации за своето програмско и буџетско работење и ќе воспостави механизам за континуирано следење на обемот и видот на информации кои ги споделуваат јавните институции.

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар