Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Соопштение по повод Одбележување на 16 меѓународни дена активизам против насилството врз жените

ОДБЕРИ КРАЈ. НЕ ПРИКРИВАЈ!

На прагот на 10 годишнината од усвојувањето на првата Национална стратегија за заштита од семејно насилство 2008-2011, сакаме да ја алармираме општата и стручна јавност дека во изминатиот период државата не покажа ниту доволно волја, ниту алоцираше финансиски средства за справување со овој сериозен општествен проблем.

Како резултат на ваквиот однос од страна на државата, постои тренд на постојана висока застапеност на семејното насилство во изминатите 10 години. Истражувањата укажуваат дека најзастапено е психичкото насилство, по кое следат физичкото и сексуалното насилство (види фуснота 1) [1]. Во континуитет жените кои претрпеле семејно насилство се соочуваат со повеќе проблеми кои го оневозможуваат нивниот  пристап до правда.

Мерките за заштита од семејно насилство не се достапни на целата територија на државата,  а онаму каде што се достапни не се обезбедуваат на еднаков начин. Сеуште не е воведена системска едукација на стручните лица во институциите за работа со жени кои претрпеле семејно насилство, додека  нивото на координираност помеѓу надлежните институции е на многу ниско ниво.  Отсуствува и ефективна судска заштита за жените кои претрпеле семејно насилство[2]. Недоволно се афирмирани привремените мерки за заштита како една од законските можности за заштита на жените. Од друга страна сеуште е висок бројот на жени кои после пријавувањето на насилството се повлекуваат од понатамошно водење на кривична постапка. Ова особено се однесува на кривичното дело телесна повреда при семејно насилство.  Сеуште се применува поблага казнена политика кон сторителите на семејно насилство. За илустрација, иако за кривичното дело тешка телесна повреда сторено при вршење на семејно насилство е предвидена затворска казна од една до пет години, според податоците од процесот на судско набљудување од вкупно седум донесени пресуди, дури во пет предмети биле изречени условни осуди, во еден предмет е досудена ослободителна осуда, додека само во еден предмет била изречена затворска казна.

               Ваквите состојби се директен резултат на отсуството на волја и недоволното алоцирање на финансии од страна на државата за справување со семејното насилство. Ситуацијата е уште позагрижувачка поради фактот што обезбедената странска помош, односно финансиските средства алоцирани од страна на агенциите на Обединетите нации во државата за спроведување на првата национална стратегија на ова поле не беа соодветно потрошени и не придонесоа за надминување на погоре наведените недостатоци. Активностите за надминување на главните недостатоци во системот за заштита од семејно насилство кои беа усвоени уште пред 10 години никогаш не беа реализирани и институциите не го подобрија своето постапување во случаите на семејно насилство (види Анализа: Дали заедничката Програма на Агенциите на Обединети Нации (ОН) и Фондот за поддршка на ОН придонесоа за имплементирање на Националната стратегија за заштита од семејно насилство 2008-2011?

http://esem.org.mk/pdf/Publikacii/2017/National%20Strategy%20for%20Protection%20Against%20DV%202008-2011.pdf  

Во отсуство на соодветен институционален одговор, оваа година Здружение ЕСЕ ги одбележува 16те меѓународни дена активизам против насилството врз жените, преку организирање на јавна кампања за подигање на свеста во однос семејното насилство во нашето општество. Кампањата ОДБЕРИ КРАЈ. НЕ ПРИКРИВАЈ!  ја организираме со цел да ги охрабриме жените кои претрпеле семејно насилство да го пријават насилството и да се обратат во надлежните институции и организации за помош и поддршка (види промотивни материјали од Кампањата ОДБЕРИ КРАЈ. НЕ ПРИКРИВАЈ!http://kampanja.perfect.mk/). Прикривањето на семејното насилство дава лажна надеж дека работите ќе станат подобрие пораката која ја упатуваме преку овогодинешната кампања. Воедно, бараме од државата да покаже вистинска волја за справување со овој сериозен општествен проблем и да алоцира финансиски средства за ефективна заштита на жените кои претрпеле семејно насилство.

 

За подетални информации обратете се кај лицето Марија Гелевска од  од Здружение ЕСЕ, која можете да ја контактирате на тел.02 3298 295 или на емаил Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. .

 

Соопштение по повод Одбележување на 16 меѓународни дена активизам против насилството врз жените

 



[1] Истражувањето за темната бројка на семејното насилство, 2000 година (Психичко – 61,5%, Физичко - 23,8 и Сексуално - 5%) ; Истражување Живот во сенка, 2007 година (Психичко - 56,4%, Физичко -17,7% и Сексуално 10,6%) и истражување спроведено за потребите на подготвка на Извештај во сенка кон Конвенцијата за елинирање на сите форми на дискриминација против жените, 2010 година, (Психичко – 64,8%, Физичко -27,7% и Сексуално 13,8%), сите спроведени од Здружение ЕСЕ.

[2] Врз основа на собрани податоци за 557 судски рочишта во кривични постапки и 188 рочишта во граѓански судски предмети во 10 судови во државата, во периодот март 2015 до февруари 2017, во рамките на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените.

 

 

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар