Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

58ма сесија на Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН во Женева

Марија Гелевска од Здружението ЕСЕ, на 58 -мата сесија на Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН во Женева, укажа на повеќе проблеми  во однос на правото на здравје на повеќе маргинализирани групи.

Во однос на здравјето на Ромите, беше укажано дека  неповолните социо-економски и животни услови, пропратени со бариерите во пристапот до здравствените услуги придонесуваат за понеповолен здравствен статус и пократок животен век на Ромите од  мнозинското население. До комитетот беше упатена загриженост за непостоење на специфични политики за подобрување на здравствениот статус на Ромите, односно дека во РМ не постои валиден Акциски план за Ромско здравје. Во Македонија не постои здравствена статистика разделена по етничка припадност што претставува сериозна препрека за соодветно планирање и имплементација на активности во однос на Ромското здравје. Во однос на здравјето на жената Ромка, беше посочено дека тие во недоволна мера се опфатени со Програмата за рана детекција на малигни заболувања, односно само 19% од жените Ромки на возраст од 24-60 години биле офатени со гинеколошко тестирање, односно ПАП тест во рамки на оваа програма во период од 2012-2014 година. Податоците од истражувањето на ЕСЕ укажуваат на постоење на промени во изведените ПАП тестови (абнормални епителни клетки) помеѓу Ромите,односно (16,5%, во споредба со сите останати спроведени тестови на ПАП  во кои е утврдена неправилност, односно 7%).

Здружение ЕСЕ укажа на недоволната покриеност со примарна гинеколошка здравствена заштита како резултат на недоволниот број на матични гинеколози и нивната несоодветна географска дистрибуција. Во однос на антенатална заштита, 17 % од жените имале помалку од четири прегледи за време на првата бременост, а пак 2% од нив воопшто немале прегледи. Покриеност на жените со патронажни посети за време на бременоста и една година по бременоста е значително ниска на национално ниво. Имено, половина од жените кои се породиле во последните 24 месеци воопшто не биле посетени од страна на патронажни посети во периодот на бременоста и по бременоста, како и тоа дека просечниот број на посети кај останатите половина  од жените изнесувал 2,6 посети.

До комитетот беше упатена препорака да јавниот буџет за здравство, во иднина треба да ги задоволи принципите на недискриминација и еднаков пристап во обезбедувањето на здравствените услуги на различните групи на граѓани. Во буџетот за здравство за 2016 година за унапредување на здравјето на Ромите преку поддршка и имплементација на декадата и стратегијата за Ромите се планираат 29% помалку средства во однос на 2014 година. Видлив е и трендот на нетранспарентност и неотчетност на Министерството за здравство и јавните здравствени институции во однос на на нивното финансиско работење. Принципот на транспарентност не се применува и кога станува збор за податоците во однос на странска помош. Исто така постои и евидентен тренд на зависност на јавниот здравствен буџет од средства добиени во вид на кредити и донации.

Воедно, на наведената сесија, на Комитетот и беше предочена состојбата во однос на насилството врз жени. Имено, фокус беше ставен на несоодветниот степен на имплементирање на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство,  неапликативноста на Законот за бесплатна правна помош за жртвите на насилство, но секако и непостоењето на унифицирана база на податоци во однос на насилство врз жени.

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар