Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Ромската заедница се уште се соочува со проблеми при обезбедување на квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита за жените и децата

Денес (07.04.2015) во Скопје ромската заедница во соработка со граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи - ЦДРИМ и НВО КХАМ,[1] побараа од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложените мерки за зголемување на опфатот на децата од ромските заедници со имунизацијаи превентивни здравствени услуги, како и предложените мерки за зголемување на опфатот на жените Ромки со превентивни гинеколошки услуги.

Предложените мерки од страна на заедницата и граѓанските организации се базираат врз наодите од нивната долгогодишна работа во периодот 2011-2015 година во ромските заедници воопштините Шуто Оризари, Пехчево - с. Црник,  Делчево и Виница, која има за задача да го унапреди опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги (посети од патронажна сестра, здравствено-едукативни работилници, дистрибуција на здравствено едукативен материјал и систематски прегледи за ученици и студенти), како и да ги унапреди опфатот на жените Ромки со превентивните гинеколошки услуги (скрининг за рано откривање на карцином на грло на матка). Податоците добиени преку теренската работа во заедницата и спроведените истражувања укажуваат дека и по 10 години од потпишувањето на Декадата за инклузија на Ромите од страна на Р. Македонија и усвојувањето на првиот Национален акционен план за здравство, Ромите се уште се соочуваат со низа на проблеми по однос на пристапот до здравствените услуги и остварување на правото на здравје.

Во однос на опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги, кај децата на возраст од 0 – 6 години, опфатот со вакцини иако бележи пораст за разлика од 2012 година, се уште е понизок од националниот просек и се движи од 63% до 100% во горенаведените општини. Опфатот со вакцини на децата Роми на возраст од 7 – 15 години е на загрижувачки ниско ниво и се движи од 55% до 95%, што е далеку понизок од националниот просек. Жените Ромки во просек се посетени 2,6 пати од патронажна сестра, што е многу пониско од предвидените 9 (девет) посети за време на бременоста и една година по породувањето. Овие состојби се должат на: непосетување на училиште од страна на дел од децата Роми; недоволен број на патронажни сестри и возила за нормално функционирање на овие служби; неспроведување на здравствените едукативни настани на оваа тема во ромските заедници; недоставување на покани за вакцинација до ромските семејства; и несоодветни услови за нормално и непречено работење на здравствените домови и поликлиники.

Во однос на опфатот на жените Ромки со превентивни гинеколошки услуги, во периодот од 2012 – 2014 година со Програмата за скрининг за рано откривање на карцином на грло на матка опфатени се само 36% од жените Ромки од општините Шуто Оризари, Делчево, Виница и с. Црник - Пехчево. Овие состојби се должат на тоа што во одредени општини, како што е општината Шуто Оризари нема матичен гинеколог поради што жените мора да одат 5-8 километри за да одат на гинеколог, како и на постоење на практиката на наплаќање на услуги кои се бесплатни за жените од страна на некои од матичните гинеколози.

Исто така, треба да се нагласи дека ваквите состојби во однос на здравјето на Ромите делумно се должат на ниското ниво на искористеност на буџетски средства наменети за унапредување на здравјето на Ромите, имено во периодот од 2005 до 2011 година за унапредување на здравјето на Ромите Владата на РМ потрошила само 59.786,00 евра, што претставува само 1,4% од вкупно потребните и планирани 4.270.456,00 евра.

За дополнителни информации контактирајте ги

- Здружение ЕСЕ – Борјан Павловски

  тел. 02/ 3292 – 295 лок. 102, e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

- ЦДРИМ – Кемал Исмаил

  тел. 02/2656 – 680, e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

- НВО КХАМ – Зоран Биковски

  тел. 072/256-869, e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Целосното соопштение за јавност

Барања од страна на Ромската заедница за унапредување на пристапот до здравствените услуги за унапредување на здравјето на жените и децата



[1] Работата на организациите е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество - Македонија

 

 

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар