Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Обуки за набљудувачи на судски предмети за насилство и дискриминација врз жените

Во текот на месец февруари Здружението ЕСЕ организираше циклус од две обуки за набљудувачи на судски предмети за насилство и дискриминација врз жените. Обуките се дел од проектот на УСАИД за правна заштита на жените, кој Здружението ЕСЕ го спроведува во партнерство со Ла Страда и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници. Првата обука се организираше во периодот 11ти и 12ти февруари, додека втората обука беше организирана на 18ти и 19ти февруари.

На обуките присуствуваа 30 правници од Коалицијата Сите за правично судење кои во наредниот период од две години ќе бидат вклучени во набљудување на тековни судски предмети поврзани со семејно насилство, трговија со жени, сексуално насилство и предмети на сексуални работнички.

На присутните им се обратија Катина Павловска, психолог во Психолошкото советувалиште во ЕСЕ, Стојан Михов - судија од Основен суд Штип, Андон Атанасов - судија од Основен суд Радовиш, Даниел Митковски од Коалиција Сите за правично судење, Маја Варошлија од Државниот Центар за трговија со луѓе, Анета Трајковска - адвокат, Хајди Штерјова Симоновиќ - адвокат, Силвана Наумова и Воскре Наумоска Илиева од ХОПС. За време на обуките учесниците беа запознаени со природата и карактеристиките на семејното насилство, трговијата со жени, состојбата со сексуалните работнички,  како и со законските одредби, односно со кривичните и граѓанските судски постапки за заштита на жртвите на дискриминација и насилство. Исто така, беа запознаени со претходно подготвените прашалници кои ќе ги користат при следењето на тековни прекршочни, граѓански и кривични судски рочишта во основните судови.

Основна цел на проектот е подигнување на степенот на правна заштита на жените жртви на насилство и дискриминација. По собирањето на податоците од судските постапки ќе биде подготвена анализа со препораки за унапредување на постапувањето на судиите во постапките за насилство и дискриминација врз жените.

20.02.2015

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар