Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Централен буџет и буџет на министерство за здравство

Буџетот на РМ го подготвува Министерството за финансии врз основа на доставени планови и барања од сите корисници на средствата од буџетот (буџетски корисници и единки корисници). Владата на РМ го одобрува буџетот, а Собранието на РМ го усвојува. Покрај подготовката на буџетот, споменатите институции се одговорни и за информирање за извршените активности и потрошените средства преку подготовка на месечни, периодични и годишни извештаи. Буџетскиот процес детално е регулиран со Законот за буџетите.

Буџетот претставува финансиски документ за проценка на идните приходи и расходи, односно тој претставува план за начинот на кој Владата ќе ги троши јавните средства; план за начинот на кој Владата ќе прибира средства за да ги финансира своите активности; план со кој Владата ќе го финансира недостатокот на средства во буџетот (буџетски дефицит) и претставува инструмент на фискалната политика.

Буџетот на РМ претставува едногодишен план кој се однесува на периодот од 1 јануари до 31 декември секоја година. Буџетот го подготвуваат: одделните буџетски корисници (корисници од прва линија од областа на законодавната, извршната и судската власт, фондовите, корисниците на буџетите на општините и корисниците основани со закон на кои им е доверено вршење на јавни овластувања) и единки корисници (организациони единици на буџетските корисници).

При спроведување на буџетскиот процес, следните документи треба да ѝ бидат достапни на јавноста:

  • фискална предлог‑стратегија доставена од Министерството за финансии до Владата на РМ;
  • усвоена фискална стратегија од страна на Владата на РМ;
  • буџетски циркулар доставен од Министерството за финансии до одделните буџетски корисници и единки корисници;
  • предлог‑буџет и предлог‑закон за извршување на буџетите, подготвени од Министерството за финансии, а доставени до Владата на РМ;
  • предлог‑буџет и  предлог‑закон за извршување на буџетите, усвоени од Владата на РМ, и доставени до Собранието на РМ;
  • белешки од седници и препораки од одделни парламентарни комисии за одделни делови од буџетот  и предлог‑закон за извршување на буџетите;
  • белешки од парламентарни расправи по предлог‑буџетот и предлог‑законот за извршување на буџетите;
  • листа на пратеници кои го гласале поднесениот предлог‑буџет и предлог‑закон за извршување на буџетите;
  • донесен буџет и донесен закон за извршување на буџетите, објавени во Службен весник на РМ;
  • месечни извештаи за потрошените средства  од буџетот, подготвени од Министерството за финансии;
  • полугодишни извештаи за потрошените средства  од буџетот, подготвени од Министерството за финансии;
  •  завршна предлог‑сметка доставена од Министерството за финансии до Владата на РМ;
  • усвоена завршна предлог‑сметка од Владата на РМ;
  • доставена завршна предлог‑сметка од Владата на РМ до Собранието на РМ;
  • белешки од седници и препораки од одделни парламентарни комисии за одделни делови од  завршната предлог‑сметка;
  • белешки од парламентарни расправи по завршната предлог‑сметка;
  • листа на пратеници кои ја гласале поднесената завршна предлог‑сметка;
  • усвоена завршна сметка на буџетот, објавена во Службен весник на РМ;
  • прелиминарен ревизорски извештај што Државниот завод за ревизија го доставува до Министерството за финансии;
  • одговор на Министерството за финансии за доставениот прелиминарен ревизорски извештај од страна на Државниот завод за ревизија;
  • конечен ревизорски извештај доставен од Државниот завод за ревизија до Собранието на РМ.

 

Државниот завод за ревизија е независна јавна институција која преку работата на овластените државни ревизори врши контрола на правилноста на буџетот на РМ, односно утврдува дали при подготовка на буџетот на РМ се почитуваат одредбите на Законот за буџетите и тоа:

  • дали постои усогласеност на буџетот со стратешките планови на буџетските корисници;
  • врши ревизија на секој одделен дел од буџетот (основен буџет, буџет на самофинансирачки активности, буџет на донации и буџет на заеми);
  • врши проценка на објективноста и точноста во планирање на приходите и расходите;
  • ја оценува способноста на институциите навремено да прибираат даночни јавни приходи, врши контрола на трезорската евиденција;
  • го проценува исполнувањето на претходно дадените препораки итн.

Врз основа на наодите Заводот подготвува конечни ревизорски извештаи што ги доставува до Собранието на РМ на усвојување. Централниот буџет на РМ е предмет на ревизија секоја календарска година.

 

Фискални стратегии

Централен буџет

Ревизорски извештаи на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување

Индекс за буџетска транспарентност

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар