Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Унапредено нивото на фискална транспарентност на институциите од областа на социјалните и економските права

 

Фискалната транспарентност претставува средство за унапредување на управувањето со јавниот сектор, го зајакнува гласот на граѓаните да влијаат врз донесувањето на одлуките од нивно значење и овозможува непречен пристап и уживање на социјалните и економските права на граѓаните.

 

Во 2017 и 2018 година преку кампањите “Фискална Транспарентност Македонија и ЕСЕ”, обезбедени се 1.377 информации и едукативни материјали за подигнување на свесноста помеѓу пошироката јавност за важноста од фискалната транспарентност и потребата од зголемување на сегашното ниво на транспарентност кај јавните институции, кои беа прегледани од граѓаните во 3.652.104 наврати.

 

 

Преку нашето работење во 2017 година го зголемивме е нивото на проактивна транспарентност кај јавните институции за 10% во однос на 2013 година, а пак нивото на реактивност го зголемивме за 12%.

.

 

Преку активно учество во националниот процес на Отворено Владино Партнерство, во 2017 и 2018 година, Министерството за здравство во соработка со Здружението ЕСЕ разви и објави годишни извештаи за програмско и буџетско извршување за секоја од 22- те превентивни и куративни програми од буџетот на министерството.

 

ЗА ПРАШАЊЕТО

Ниското ниво на фискалната транспарентност и регресивноста во нивото на фискална транспарентност претставува глобален проблем кој се повеќе влијае врз ограничување на пристапот на граѓаните до основните социјални и економски права. Овој тренд, не ја одминува ниту Република Македонија. Фискалната транспарентност е на дното на списокот на владини приоритети. Дополнително, Владата не покажува доволно волја и капацитет за спроведување и решавање на барањата и обврските за подобрување на нивото на транспарентност. Од друга страна, постојат голем број бариери што ги спречуваат граѓаните да ја следат работата на институциите. Граѓаните се соочуваат и со проблеми поврзани со остварувањето на нивното основно право за пристап до информации, недоволно знаење за нивното право на пристап до информации, и недоволно знаење за да ги разберат информациите кои јавните институции ги презентираат во нивните документите, недоверба во системот и во институциите, и недоволна волја за ангажирање во долгите бирократски процеси за пристап до јавни информации, како и отсуство на механизми гарантираат дека нивното основно право на пристап до јавни информации ќе биде остварено.

Во Република Македонија не постојат ефикасни и ефективни механизми за следење на извршувањето на буџетот и за оценка на ефикасноста и ефективноста на владините политики. Дополнително, системот на јавни набавки и начинот на кој тие се спроведуваат мора да се зајакнат за да се обезбеди транспарентност, ефикасност и ефективност, и да се решат наводите за корупција и за прекршување на принципот за еднаков пристап до и еднаков третман на учесниците во јавните набавки.

Според наодите од извештајот за проактивна транспарентност на институциите опфатени со мониторингот на ЕСЕ во 2016 година „сите институции покажуваат надолен тренд во однос на нивото на проактивна транспарентност споредено со претходната година“. Институциите во Република Македонија покажуваат ниско ниво на свест за проактивна транспарентност, што пак се видливо преку тоа што веб - страниците на институциите не нудат доволно информации за нивното програмско и буџетско работење, односно обезбедуваат податоци само за 15% од основните програмски и буџетски документи. Во однос на реактивната транспарентност, извештајот од мониторингот на ЕСЕ за 2016 година покажува дека „институциите обезбедуваат повеќе информации по поднесени барања за пристап до информации од јавен карактер, наместо самоиницијативно да ги направат овие информации достапни за јавноста“. Институциите само делумно го почитуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и покажуваат делумна транспарентност во нивното работење.

Кога станува збор за процесот на јавни набавки, извештаите на ЕСЕ од мониторингот на јавните набавки во периодот 2011-2015 година покажува дека јавните набавки во јавниот здравствен систем се сива зона во Република Македонија. Дополнително, извештаите покажуваат дека институциите со најголем број постапки за јавни набавки и најголеми расходи за набавка на стоки, услуги и работи воедно се и најмалку отчетни. За 70% од постапките за јавни набавки, јавните здравствени институции не објавиле или објавиле само мал дел од клучните информации.

 

ШТО ПРАВИМЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ

Работиме на зголемување на јавната свесност за значењето на фискалната транспарентност и потребата од буџетирање засновано на приоритети. Во изминатите години ЕСЕ активно работи за да им помогне на граѓаните да ги остварат своите права за информираност и пристап до информации од јавен карактер и да ја олесни комуникацијата помеѓу граѓаните и јавните институции во РМ. За оваа потреба во 2014 година ЕСЕ разви тематска интернет-страница www.fiskalnatransparentnost.org.mk. Во рамки на тематската интернет-страница ЕСЕ креираше и електронска платформа за поднесување барања за пристап до информации од јавен карактер до сите јавни институции во РМ, како и за поднесување на жалби поради прекршување на правото за пристап до информации од јавен карактер. Електронската форма има за цел да ѝ помогне на јавноста поедноставно да поднесува барања и побрзо да добива одговор од јавните институции, но, исто така, и да ја тестира реактивноста на институциите, односно нивната подготвеност за споделување информации со пошироката јавност. Поконкретно, ЕСЕ ги едуцира граѓаните за постапката за остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер преку овозможување на електронско пополнување на формата за поднесување на барања за пристап до информации од јавен карактер и формата за жалби за повредено право за пристап до информации од јавен карактер. Исто така, ЕСЕ се труди сите заинтересирани да можат да го следат фискалното работење на Владата на Република Македонија и активно да се вклучат во дискусиите за спроведување на политиките во насока на нивно унапредување. За таа цел развиена е база на отворени фискални податоци, која овозможува поедноставен, систематизиран и аналитички приказ на фискалните и буџетските податоци.  Во оваа база ЕСЕ редовно ги објавува и информациите до кои доаѓа преку следење на имплементацијата на превентивните програми на Министерството за здравство.   

Меѓудругото,  преку www.fiskalnatransparentnost.org.mk граѓаните можат да се информираат и за тоа кои се обврските на јавните институции и кои се нивните права што произлегуваат од законите, преку прикажување на важечката правна регулатива во прочистена форма. Преку тематската интернет-страница ЕСЕ на граѓаните им овозможува пристап до најнова релевантна литература и материјали од областа на фискалната транспарентност, пристапот до информации и партиципација во донесувањето на одлуки на македонски и на англиски јазик и клучни вести и информации за тековните случувања во Македонија и во светот.

Дел од активностите за зголемување на свесноста на граѓаните за нивните права и можности за пристап до информации и учество во креирањето, донесувањето и спроведувањето на фискалните политики и создавање на притисок врз јавните институции да си ги почитуваат своите обврските за транспарентност и отчетност во работењето, е кампањата за унапредување на фискалната транспарентноста под наслов Фискална транспарентност Македонија која ЕСЕ ја започна во 2015 година. Како дел од кампањата, а со цел да се доближат и да се визуелизираат содржините, ЕСЕ подготвило повеќе едукативни видеа.

 

Го оценуваме степенот на фискална транспарентност и отчетност на јавните институции. Во континуитет, почнувајќи од 2013 година, работиме во насока на оценување на нивото на реактивност и проактивност на јавните институции во споделување и објавување на информации за своето буџетско и програмско работење, а тоа пак го правиме преку спроведување на воспоставена методологија за мерење и оценување. Проактивната транспарентност ја оценуваме преку утврдување на достапноста и обликот на објавување на 16 клучни програмски и буџетски документи на интернет-страниците на 25 јавни институции, односно стратешките планови, годишните програми за работа на институциите, предлог-буџетите, усвоените буџети, предлог-измените или усвоените измени и дополнувања на буџетите, завршните сметки, ревизорските извештаи, граѓанскиот буџет, односно поедноставената верзија на буџетот, лицата за контакт и посредување со информации од јавен карактер и листата на информации од јавен карактер. Додека пак, реактивната транспарентност на 68 јавни институции ја оценуваме од аспект на пет параметри и тоа:  број на добиени одговори во редовна постапка; број на добиени нецелосни одговори во редовна постапка; број на одбиени барања или пак запрени постапки од страна на имателите на информации од јавен карактер; број на барања по кои имателите молчеле;  и просечен период на добивање на одговор на доставени барања за пристап до информации од јавен карактер во редовна и во жалбена постапка. 

Важно е да се наспомене дека ЕСЕ го следи работењето само на оние институции што се опфатени со редовните активности на Здружението во рамки на активностите од програмата за мониторинг и анализа на буџети, како на пример сите спроведувачи на Програмата за активна заштита на мајки и деца, Програмата за рана детекција на малигни заболувања, Програмата за систематски прегледи на студенти и ученици, Програмата за ретки болести или пак институции што се одговорни за донесување на одлуки што се насочени кон унапредување на здравјето на жените и децата во РМ. Па така, ЕСЕ го мониторира и го оценува спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер на сите Здравствени домови во Македонија (32); на сите центри за јавно здравје (10); дел од клиниките, како што се клиничките болници во Битола, Штип и Тетово, општата болница во Струмица, Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и институции што се на ниво на носители на одлуки и политики – Министерството за здравство, Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, итн.

Наодите и доказите кои ги обезбедуваме се користат од јавните институции, граѓанските организации и медиумите на национално ниво како релевантен извор на информации за презентирање на состојбите и напредокот во постапувањето на јавните институции по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер; иницирањето и спроведувањето на реформите во јавниот систем во РМ од овој домен; како и за преземањето на чекори за унапредување на постапувањето на јавните институции во постапките за пристап до информации од јавен карактер.

 

Застапуваме за унапредувањето на нивото на фискалната транспарентност. Преку воспоставените механизми за следење на исполнувањето на обврските што ги има преземено државата преку учество во меѓународни иницијативи и прифаќање на одредени меѓународни стандарди од областа на фискалното работење и транспарентноста со инструментот на подготовка на „извештаи во сенка“, ЕСЕ служи како коректив на неправилната дисперзија на основното човеково право на информираност и пристап до информации.

Дополнително, од 2014 година ЕСЕ активно учествува во процесот на подготовка, спроведување и следење на имплементацијата на мерките од приоритетот 5 (фискална транспарентност) и приоритетот 3 (пристап до информации) одиницијативата за Отвореното владино партнерство. Преку оваа иницијатива ЕСЕ ја препозна можноста за издигнување на идентификуваните пречки во функционирањето на јавниот систем кои во други услови не биле препознаени од страна на јавниот здравствен сектор како потребни и приоритетни.

Активно иницираме и учествуваме во работни групи кои се однесуваат промени во домашната регулатива и развивање на стандарди и системи за унапредување на фискалната транспарентност.

Преку градење на коалиции и јакнење на капацитети на други национални и регионални граѓански организации од оваа област, спроведуваме заеднички акции за иницирање на промени.

 

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар