Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Еднаков пристап до правда

 

Прогресивното остварување на социјалните и економските права е тесно поврзано со промовирањето и воспоставувањето на ефективен пристап до правда за маргинализираните и ранливите групи во нашето општество.

 

Во 2017 и 2018 година обучивме група од 35 параправници кои под закрилата на шест граѓански организации обезбедуваат параправна помош на Роми, сексуални работнички, текстилни работнички и други ранливи  групи на граѓани.

 

Сакајќи да одговориме на незадоволените правни потреби на сиромашните и на маргинализираните заедници , како и да обезбедиме одржливост на здруженијата кои обезбедуваат правна помош и услуги, во 2016 и 2017 година направивме анализа за а) трошоците кои здруженијата на граѓани ги имаат при обезбедување на помош и услуги, б) трошоците кои корисниците ги имаат и в) придобивките кои сиромашните и останатите маргинализирани заедници ги имаат од користењето на различните модалитети на правна помош.

Во последните две години го подобривме пристапот до правда и ја подобривме судската заштита на жените кои претрпеле насилство  преку јакнење на капацитетите на судиите од десет основни судови низ Републиката, набљудувавме 210 судски предмети и обезбедивме правна и психосоцијална помош и поддршка на 165 жени годишно.

 

ЗА ПРАШАЊЕТО

На глобално ниво, податоците покажуваат дека 4 милијарди луѓе во светот живеат надвор од заштитата што ја овозможува правото, главно бидејќи се сиромашни или маргинализирани. Постојат голем број недостатоци што треба да се исправат, и на страната на понудата, односно на оние кои обезбедуваат услуги и на страната на побарувачката, односно корисниците на услугите. Некои од овие недостатоци се добро познати и вклучуваат: оддалеченост од ваков вид на услуги; општествени состојби и односи поврзани со правните потреби и нивното разрешување ; трошоци поврзани со обезбедување на услугите; недостаток или непостоење на доволно капацитети за обезбедување на потребните услуги; и дигитален јаз.

Нашата држава не е исклучок од состојбите на глобално ниво. Република Македонија е држава со високо средни приходи. Според податоците на Државниот завод за статистика (од Анкетата за приходи и животни услови), во 2015 година стапката на сиромаштија била 21,5%. Единственото национално истражување во Македонија во однос на правните проблеми (Србијанко и други, 2013 год.) открива дека речиси половина (49%) од испитаниците се соочиле со најмалку еден правен проблем во последните три години и дека повеќето од оние кои пријавиле проблеми се соочиле со повеќе од еден проблем во наведениот период.

Две третини од оние кои пријавиле проблеми изјавиле дека преземале чекори за нивно решавање. Една третина од нив побарале правен совет за решавање на проблемот. Две третини од испитаниците кои побарале совет морале да платат за него. Една петина од оние кои имале проблем не направиле ништо во врска со него бидејќи немале пари за тоа. Веројатноста дека оние кои имаат правен проблем ќе преземат нешто во врска со нивните проблеми е најмала кај сиромашните, младите, невработените и кај Албанците. Повеќе од половина од оние кои не преземале никакво дејство за решавање на проблемот како причина за тоа навеле недоверба дека е достапна помош. Помалку од 10% од оние кои се соочиле со проблеми биле вклучени во некаква судска постапка поврзана со проблемот.

Поврзаноста на пристапот до правда, остварувањето на човековите права и развојот се нагласува и со Целите за одржлив развој на ОН донесени во 2016 година. Имено, како резултата на потребата и заложбите на меѓународно ниво  воведена е посебна Развојна цел бр.16: мир, правда и силни институции, односно подцелта бр.16.3: Промоција на владеењето на правото на национално и на меѓународно ниво и обезбедување еднаков пристап до правда за сите.

Во најновиот  Индекс  за владеење на правото за 2020 година,  Светскиот проект на правдата (World Justice Project) ја рангира нашата држава на 58 место, во однос на состојбата со почитувањето на основните демократски вредности и принципи на владеење на правото. Воедно, индексот за владеење на правото се смета за водечки извор на оригинални и независни податоци владеењето на правото во државите жирум светот.

Според индексот за 2020 година во Република Северна Македонија нема подобрување на состојбите со владеењето на правото и загрижува уназадувањето на состојбите во одделни области, како што се справувањето со корупцијата и отвореноста на Владата. Ситуацијата не е подобрена и во другите области од владеењето на правото, како што се: ограничувања на моќта на владата, спроведување на регулатива, граѓанска и кривична правда. Единствено благо подобрување имаме во делот на фундаменталните човекови права, додека во континуитет најдобро рангирана е областа на јавниот ред и мир.

Индексот за владеење на правото за 2020 година обезбедува податоци за владеење на правото во 128 држави ширум светот, преку рангирање или оценување на 8 релевантни фактори: ограничување на моќта на владата; отсуство на корупција; отворена Влада; фундаментални права; ред и мир; спроведување на регулативата; граѓанска правда и кривична правда. Податоците за подготовка на Индексот беа обезбедени врз основа на спроведени прашалници во 130.000 домаќинства и 4000 ескперти ширум светот.

Повеќе информации на следниот линк https://worldjusticeproject.org/

 

ШТО ПРАВИМЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ

Работиме на зголемување на капацитетите на граѓанските организации за обезбедување на параправна помош на сиромашните и ранливи групи на граѓани. Препознавајќи ја важноста на промовирање на пристапот до правда, во последните години преземавме конкретни заложби за зголемување на пристапот до правда за различни ранливи групи. Поради дискриминацијата и маргинализираната позиција на Ромите при остварување на правото на здравје воведовме обезбедување на параправна помош и поддршка во соработка со неколку ромски граѓански организации во Шуто Оризари, Делчево, Пехчево и Виница. Преку обезбедување на параправна помош и поддршка за остварување на правата од здравствена заштита, здравствено осигурување и заштита на правата на пациентите, им помагаме на Ромите да ги запознаат и да ги остварат здравствените права, односно : да го остварат правото на здравствено осигурување; да ја остварат потребната здравствена заштита; да ја уживаат законски предвидената бесплатна здравствена заштита и услуги; да ги обезбедат потребните ортопедски и/или други медицински помагала; да ги рефундираат трошоците за здравствени услуги; да ги плаќаат законски предвидените износи за партиципација за здравствени услуги; да ги остварат законски предвидените права како пациенти; да имаат пристап до лековите пропишани со позитивната листа итн.

Обезбедуваме докази за потребата од обезбедување на правна помош од страна на ГО со цел  решавање на правни потреби  на сиромашните и ранливи групи на граѓаните и обезбедуваме докази за потребата од олеснување на пристапот  до правда.  Работиме на промовирање и вградување на Целите за одржлив развој на ОН, поточно целта бр.16.3: промоција на владеењето на правото на национално и на меѓународно ниво и обезбедување еднаков пристап до правда на сите. Под водство на Коалицијата Маргини направивме прелиминарна оценка на ситуацијата во однос на спроведувањето на оваа развојна цел во нашата земја и ги идентификувавме пречките во однос на спроведување и почитување на истата, односно: постојат недоволни информации и знаења за оваа развојна цел меѓу јавните институции, граѓанските организации и правосудниот систем; не постојат и не се планирани системски реформи или механизми за следење на спроведувањето на оваа развојна цел; недостигаат официјални податоци за пристапот до правда за различни ранливи категории граѓани; Државниот завод за статистика не собира доволно податоци за спроведувањето на целите за одржлив развој итн.

На прашањето на обезбедување на докази за пристап до правда во континуитет прибираме и анализираме податоци за трошоците и придобивките поврзани со обезбедување на различните модалитети на правна помош обезбедена од страна на ГО во нашата земја.  Покрај трошоците на ГО за обезбедување на правна помош, прибираме и анализираме податоци за трошоците кои лицата кои имаат правни проблеми и се обраќаат за помош ги прават, односно се на нивен личен товар. 

Го анализираме и остварувањето на сиромашкото право, односно правото за ослободување од судски такси и трошоци за жените кои претрпеле насилство, со цел да го олесниме нивниот пристап до правда.

Ја подобруваме правната заштита на жените кои претрпеле насилство.  Во континуитет обезбедуваме правна помош, бесплатно судско застапување и психолошка помош и поддршка за жените кои претрпеле насилство. Психолошкото јакнење на жените кои претрпеле насилство е неопходно за тие активно да се вклучат во решавањето на проблемот и да излезат од насилната заедница во која се наоѓаат.  Со правна помош и поддршка од наша страна жените успешно ги иницираат и водат судските постапки за развод на брак и старателство над нивните деца, но и граѓански и кривични постапки за заштита од семејно насилство.

Покрај традиционалното обезбедување на помош и поддршка,  ги мониторираме судските постапки кои се однесуваат на насилство врз жените и подготвуваме сеопфатни анализи на правната рамка и институционалната реакција на насилството врз жените во нашата земја. Притоа, секогаш кога спроведуваме анализа на законите и постапувањето на надлежните институции, ги консултираме и вклучуваме жените кои претрпеле насилство со цел да бидеме сигурни дека препораките кои ги даваме се во согласност со нивните потреби.

Главните наоди од следењето на судските постапки ги нагласуваат недостатоците во системот за судска заштита во случаи кои се однесуваат на насилство врз жените: недоволна правна заштита на жените кои се жртви на насилство; несензитивност  и недоволно познавање на природата на насилството врз жените од страна на судиите; недостиг на државни средства за обесштетување на жртвите на насилство; непостоење посебен регистар за случаи на семејно насилство во судовите; одложување на судските постапки; ниско ниво на поведување граѓански постапки за заштита од семејно насилство и попустлива казнена политика за сторителите.  Податоците од мониторингот на судските постапки укажува на постоење на голем број различни аспекти што придонесуваат кон ревиктимизација на жените, на пример: од жртвите се бара да ја повторат изјавата на главните судски рочишта, наместо да се прочита изјавата што ја дале во текот на истражната постапка; давање изјава во присуство на сторителот; или непревземање конкретни дејства за заштита на жртвите како сведоци, итн. Заедно со судиите  работиме на надминување на наведените недостатоци на судскиот систем на заштита и застапуваме надлежните министерства да ја подобрат законската рамка како и институционалниот одговор кон насилството врз жените.

 

 

 pdf/Prasanja na koi rabotime/Legal Aid Center- LAC ESE.pdf

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар