Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Вклучување на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оценување на законската регулатива, буџети и услуги во областите на социјални и економски права

 

Вклученоста на граѓаните овозможува креирање на политики и буџети кои се засноваат на реалните потреби на населението, а воедно гарантира соодветна имплементација на истите. Само преку вклучувањето на граѓаните и особено маргинализираните групи на населението во овие процеси може да се оствари заложбата на Целите за одржлив развој „никој да не биде изоставен“ во процесот на остварување на социјалните и економските права на граѓаните.

Преку обуките и техничката поддршка овозможивме 29 претставници од 7 (седум) локални граѓански организации успешно да ја спроведуваат методологијата на социјална отчетност со цел остварување на правото на здравје на Ромите во четири општини (Шуто Оризари, Делчево, Пехчево и Виница) и унапредување на пристапот до пазарот на трудот за жените во четири општини (Тетово, Битола, Свети Николе и Струмица).

Преку мониторинг на здравствените политики го привлековме интересот на јавноста за клучните проблеми и недостатоци за спроведување на пет превентивни и куративни програми на Министерството за здравство и побаравме надминување на истите со цел унапредување на здравствена заштита на мајките и децата, жените во репродуктивниот период, Ромите и лицата со ретки болести.

Како резултат на континуирано застапување, заедно со останати организации, Владата и Министерството за здравство во 2018 година ги зголемија буџетите на четири здравствени програми за дополнителни 25.350.000 денари, односно буџетите на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата; Програмата за рана детекција на малигни заболувања; Програмата за систематски прегледи на ученици и студенти и Програмата за лекување на лицата кои живеат со ретки болести. 

 

ЗА ПРАШАЊЕТО

Државата нема воспоставено легитимен, неселективен и континуиран процес за вклучување на граѓаните во работата на централната и локалните власти. Како резултат на тоа граѓаните не се вклучени во процесите на планирање, спроведување и мониторинг на политиките и буџетите поврзани со остварувањето на нивните социјални и економски права. Од друга страна граѓаните не се доволно запознаени со процесите на носење на политиките и буџетите, ниту со процесите на мониторинг на спроведувањето на истите,  како на национално, така и на локално ниво.  Воедно граѓаните не се запознаени ниту со нивните права на учество во овие процеси.

Како резултат на оваа состојба политиките и буџетите кои ги усвојува Државата не се насочени кон решавање на приоритетните проблеми на граѓаните, истите не се прогресивни; не се развојни; не ги задоволуваат принципите за недискриминација, ниту пак обезбедуваат еднаков пристап за различните групи од населението. Алокацијата на буџетски средства за различните сектори не се води од потребите и приоритетите, туку се заснова на развиени формули за пресметка.

 

ПРИСТАП ДО ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

Ваквите состојби имаат директно негативно влијание врз остварувањето на правото на здравје, особено за ранливите групи од населението. Имено Министерството за здравство во континуитет потфрла во имплементирањето на специфичните политики за унапредување на здравјето на мајките и децата, репродуктивното здравје на жените и здравјето на Ромите (вклучувајќи ги програмите на Министерството за здравство – Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите, Програмата за рана детекција на малигни заболувања, како и Националниот акционен план за здравје на Ромите). Една од причините за овие состојби претставува фактот што не се одвојуваат доволно средства од националниот буџет за спроведување на овие политики, а дури и средствата кои се одвоени не се реализираат во целост. Најдобра илустрација за овие состојби е фактот што износот на буџетот за превентивна здравствена заштита преставува многу мал удел во националниот буџет, како и во буџетот на Министерството за здравство. Имено во периодот од 2011 до 2015 година буџетот за превентивна здравствена заштита изнесува само 0,003% од националниот буџет и само 10,6% од буџетот на Министерството за здравство.

Дополнително на тоа постои недостиг на човечки и технички капацитети во јавниот здравствен систем, одговорни за имплементацијата на овие политики. Оваа состојба е евидентна преку недостигот на здравствен кадар на примарно ниво, особено гинеколози, педијатри, патронажни сестри и персонал во превентивните тимови во здравствените домови. Воедно Министерството за здравство не располага со механизми за мониторинг и евалуација на имплементацијата на превентивните програми, а за спроведувањето на истите се ослонува само на извештаите добиени од извршителите на програмите, без вклучување на граѓаните корисници на овие програми во процесот.

Сите овие проблеми и недостатоци водат до несоодветен опфат со здравствена заштита на ранливите категории од населението, кој е евидентиран преку работата на Здружение ЕСЕ во изминатите девет години. Имено Националниот акционен план за унапредување на здравјето на Ромите во изминатите 13 години е имплементиран во многу низок обем. Активностите наменети за ромски средини во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата усвоени во 2011 години не беа соодветно имплементирани, односно речиси воопшто не допреа до Ромите. Овие активности низ годините беа намалувани по вид и по обем за комплетно да бидат отстранети од Програмата во 2015 година. Во Програмата за 2018 година Министерството повторно усвои активности наменети за ромски средини, за кои Здружение ЕСЕ ќе спроведе мониторинг за нивната имплементација.

Жените речиси воопшто не се посетени од страна на патронажните сестри за време на бременоста, а по породувањето опфатот со посети не е соодветен и кај најголем дел од жените изнесува една до две посети, наместо предвидените пет посети. Во ромските заедници, особено во општината Шуто Оризари состојбата е уште позагрижувачка, бидејќи речиси половина од жените Ромки воопшто не се посетени од патронажна сестра во периодот по породувањето. Оваа состојба се однесува особено на жените кои живеат во најмаргинализираните населби од општината.

Во однос на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката, исто така се бележат низа на недоследности во планирањето и имплементацијата. Како резултат на тоа до 2016 година само 20% од целната група на жени на возраст од 24 до 60 години биле опфатени со оваа Програма на национално ниво.

Овие состојби директно влијаат врз негативните здравствени исходи помеѓу населението, а особено помеѓу ранливите категории на граѓани како што се Ромите. Имено, Ромите во Р. Македонија имаат пократок животен век од останатото население. Ова се потврдува со фактот дека 50% од ромското население умира пред да наполни 65 години, додека овој процент на национално ниво изнесува 24%. Во изминатите години се бележи пораст на стапката на новороденечка смртност во Р. Македонија, за во 2016 година да достигне 11,9 на 1000 живородени, што е за три пати повисоко од стапките во земјите на Европската Унија. Во 2017 стапката во Македонија паѓа на 9,2, меѓутоа се уште е значително повисока од европскиот просек. Исто така во изминатите години се бележи пораст и на смртноста од рак на грлото на матката.

Во однос на остварување на правото на социјална заштита Здружение ЕСЕ започна со идентификување на проблемите со кои се соочуваат лицата и домаќинствата кои се грижат за тешко болни лица во домашни услови. Пред се постои недостаток од капацитети за долготрајно сместување и нега на лицата кои не се во можност да се грижат за себе во јавните здравствени установи. Имено во јавните здравствени установи има само околу 390  легла за згрижување на овие лица на национално ниво, од кои поголем дел се наоѓаат во Скопје. Од друга страна надоместокот кој државата го обезбедува за нега на лицата кои не се во можност да се грижат сами за себе е доста низок (изнесува околу 4.000 денари). Првичните наоди на ЕСЕ укажаа дека овој износ е доволен да се покријат само основните потребни поврзани со лековите и медицинските материјали на лицето на кое му е потребна нега, меѓутоа не се доволни да се покрие трошокот за обезбедување на негата. Поради тоа негата најчесто се извршува од страна на член на семејството, што сериозно влијае врз сите аспекти на животот на давателите на нега, вклучувајќи ја можноста да работат, грижата за децата, социјалниот живот и сл.

 

ПРИСТАП ДО ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ

Што се однесува до правото на вработување, ситуацијата е иста како и во другите јавни сектори. Односно, постои значително ниска, или подобро да се каже не постои, култура на учество на граѓаните во процесите  на подготовка и спроведување на политиките за вработување, што пак е резултат на недостаток на знаења и вештини, а особено кај жените. Непознавањето и немањето на вештини пак, ги ограничува граѓаните да ја преземат својата улога и да го кренат својот глас пред донесувачите на одлуки, кои во ваква состојба се во повластена позиција. Една од клучните проблеми на локалните заедници, како и на целата земја е прашањето за невработеноста. Лишувањето од остварувањето на едно од основните човекови права, правото на работа доведува до влошување на животниот стандард, па оттука и можноста за остварување на други основни човекови права. Јавните политики за вработување не ја одразуваат родовата перспектива, што пак е резултат на отсуството на родово сензитивни политики. Прекршувањето на правото на вработување, нееднаквоста во пристапот на мажите и жените на пазарот на трудот, недостатокот на политики кои се родово сензитивни, отсуството на политики кои ги одразуваат реалните потреби на граѓаните на Република Македонија, неефикасното користење на буџетските средства, неефикасното планирање на политиките и мерките за вработување се клучните карактеристики на јавниот систем за вработување во Република Македонија.

Јавните институции одговорни за планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување во Република Македонија се карактеризираат со високо ниво на затвореност и нетранспарентност во нивната работа. Како резултат на нетранспарентноста на јавните институции и нетранспарентноста на процесите на планирање и спроведување на политиките и мерките за вработување, актуелните политики и мерки за вработување не ги одразуваат реалните потреби и интереси на граѓаните, особено потребите и интересите на жените. Дополнително, не постои култура за активно граѓанство (ова значи дека граѓаните треба да бидат активни и да учествуваат во процесот на одлучување од почеток до крај), што е резултат на нефункционирање на механизмите за учество на граѓаните во одлуката и отсуството на практики за мобилизирање и зајакнување на поголем број граѓани кои понатаму самостојно ќе се вклучат во јавните процеси.

Резултатите од спроведеното теренско истражување и спроведената анализа на податоците добиени од Агенцијата за вработување на РМ (АВРМ) преку постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер укажуваат на: висока стапка на долгорочна невработеност кај граѓаните (63% од испитаните невработени граѓани не се вработени повеќе од четири години); високо ограничен пристап на граѓаните до програмите, мерките и услугите за вработување, заради нерегистрација во евиденцијата на АВРМ (46% од 826 испитани невработени лица не се регистрирани, а пак најголем дел од нив не се регистрирани повеќе од 2 години); само 25% од невработените граѓани знаат дека имаат право на пристап до мерките, програмите и услугите за вработување утврдени со Оперативниот План за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот; а пак само  6% од вкупно опфатените испитаници се вработени како резултат на користење на мерките, програмите и услугите на АВРМ. Дополнително, АВРМ и други јавни институции кои учествуваат во спроведувањето на политиките за вработување и афирмативни мерки за вработување немаат детални податоци за обемот на имплементација на мерките и начинот на трошење на буџетските средства; мерките за вработување зависат од странски донатори и кредитори (УНДП, ЕУ и Светска банка); повеќето од одлуките за начинот на спроведување на афирмативните мерки ги донесува УНДП, а националните институции имаат само улога на медијација; во спроведувањето на афирмативните мерки за вработување, АВРМ претежно ги префрла средствата од државниот буџет во буџетот на УНДП и нема евиденција за начинот на кој средствата се трошат понатаму за време на процесот и нема пристап до овој тип податоци; итн.

 

ШТО ПРАВИМЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ

Работиме на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за спроведување на методологиите на социјална отчетност кои имаат за главна цел вклучување на граѓаните во процесите на планирање, спроведување и оценување на политиките и буџетите. Препознавајќи ја потребата за вклучување на граѓаните во овие процеси, Здружение ЕСЕ од 2011 година ја спроведува методологијата на социјална отчетност. Преку оваа методологија граѓаните се информираат за своите права, се зајакнуваат нивните капацитети за активно учество во овие процеси, а воедно се зајакнува јавната свест за потребата од вклучувањето на граѓаните. ЕСЕ ја спроведува оваа методологија на полето на пристап до превентивна здравствена заштита за мајките и децата и жените во репродуктивниот период, како и на полето на пристап до активните мерки, програми и услуги за вработување. Спроведувањето на методологијата на социјална отчетност е особено значајна за лицата од ранливите категории на граѓани, кои воедно имаат најголема потреба од здравствени услуги и услуги за вработување, а во исто време не се информирани за своите права. Од 2016 година го спроведуваме интегрираниот пристап (социјална отчетност и правно зајакнување) во ромските средини. Со таа цел ЕСЕ во континуитет ги јакне капацитетите на осум граѓански организации (четири организации кои работат на унапредување на женските човекови права, една младинска организација и три локални ромски граѓански организации), преку подготовка на методологијата за работа, спроведување на континуирани обуки, како и обезбедување на директна техничка поддршка во нивната работа. Преку оваа работа им помагаме на граѓанските организации да ги запознаат граѓаните во општините каде тие работат  со нивните права од превентивната здравствена заштита за мајките и децата, женското репродуктивно здравје и вработување; да ги проценат состојбите по однос на опфатот на ромското население со овие услуги и со квалитетот на услугите кои ова население ги добива, преку активно вклучување на заедницата; да му овозможат на населението проактивно да бара остварување на правата од превентивната здравствена заштитаи вработување; како и да му овозможат на населението активно да се вклучи во процесот на застапување за унапредување на опфатот и квалитетот на превентивната здравствена заштита и вработување. На ова поле ЕСЕ континуирано работи во партнерство со три ромски граѓански организации (Акција Здруженска, Женски Форум Тетово, ГИЖ Св. Николе, ОЖ Струмица, МКЦ Битола,ИРИЗ, КХАМ и Романо Чачипе). Покрај оваа континуирана соработка ЕСЕ обезбедува обуки и дава техничка поддршка и на останати граѓански организации кои се заинтересирани да ја имплементираат методологијата на социјална отчетност, како од Македонија, така и од земјите во регионот на Југоисточна и Централна Европа.

Работиме на зајакнување на капацитетите на јавните институции за вклучување на граѓаните и граѓанските организации во креирање, спроведување и мониторинг на законската регулатива, буџети и услуги. Во таа насока во изминатите две години работиме во соработка со Министерството за здравство со цел да се воведат методологиите на социјална отчетност во процесот на мониторинг и евалуација на превентивните програми на Министерството. Преку овие методологии Министерството за здравство за прв пат ќе има можност да добие директни информации од граѓаните крајни корисници на програмата за квалитетот на добиените услуги, за бариерите со кои се соочуваат корисниците, како и нивни предлози за унапредување на програмите. За таа цел планирана е обука на претставници од Министерството за спроведување на методологиите на социјална отчетност и соработка со Министерството при имплементацијата на истите. Дополнително на тоа Здружение ЕСЕ со свои претставници учествува на релевантните иницијативи и работни групи на Министерството за здравство, каде што ги изнесува своите ставови и барања кои се темелат на наодите од работата на ЕСЕ со граѓаните и партнерските граѓански организации.

Работиме на унапредување на здравјето и пристапот кон здравствените услуги за мајките и децата, како и на женското репродуктивно здравје. Во таа насока од 2011 година до денес вршиме редовен мониторинг на планирањето и спроведувањето на активностите и буџетите наменети за превентивните здравствени услуги за мајките и децата, како и превентивните здравствени услуги за женското репродуктивно здравје. Предмет на мониторинг се превентивните Програми на министерството за здравство, вклучувајќи ги следните програми: Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите, Програмата за скрининг на рак на грло на матка и Програмата за партиципација. Во изминатите години го проширивме мониторингот со цел да ги опфатиме сите здравствени услуги за овие групи од населението кои се пропишани и во останатата легислатива, а не само во превентивните програми на Министерството за здравство. Континуираниот мониторинг ни овозможи да ги утврдиме недоследностите и проблемите во процесите на планирање и имплементација на превентивните програми. Утврдените проблеми и недостатоци директно се одразуваат во недоволниот опфат на ранливите групи од населението со превентивната здравствена заштита, како и врз квалитетот на добиените услуги. Наодите од процесот на мониторингот ги користиме со цел да подготвиме препораки за унапредување на процесот на планирање и спроведување на здравствените услуги и буџети. Наодите и препораките ги користиме во процесот на застапување пред релевантните институции со цел унапредување на здравјето на мајките и децата и репродуктивното здравје на жените.

Имајќи го во предвид трендот на пораст на новороденечката смртност во Р. Македонија во изминатите 10 години, од 2015 година ЕСЕ ја насочи својата работа кон утврдувањето на причините за оваа состојба. Подготвивме првична анализа на состојбите која се базираше на јавно достапните податоци. Покрај трендот на пораст, анализата укажа и на проблемот со недостиг на јавно достапни квалитетни податоци преку кои би можеле да се утврдат причините за трендот на пораст на новороденечката смртност. Соочени со овој факт од 2017 година ЕСЕ формираше работна група, составена од релевантни експерти на ова поле. Преку работната група се стремиме да ги утврдиме причините кои водат кон оваа состојба и врз основа на истите да подготвиме препораки кои државните институции треба да ги спроведат со цел намалување на стапката на новороденечка смртност.

Работиме на унапредување на здравјето и пристапот до здравствени услуги за Ромите. Преку партнерската соработка со трите ромски граѓански организации директно ги утврдуваме здравствените потреби на ромското население, како и бариерите со кои ова население се соочува во пристапот до здравствената заштита. Посебен акцент во оваа работа ставаме на здравствените услуги за мајките и децата од ромската заедница, како и здравствените услуги поврзани со репродуктивното здравје на жените Ромки. При мониторингот на превентивните програми на Министерството за здравство, посебен фокус на нашата работа се активностите од овие Програми кои се наменети  за ромски средини, или пак се од посебен интерес за ромската заедница. Во нашата работа ги комбинираме наодите од ромската заедница со наодите од мониторингот на превентивните програми со цел да ги идентификуваме проблемите со кои се соочува ромското население во однос на опфатот со и квалитетот на превентивната здравствена заштита. Наодите ни служат како основа за подготовка на препораки за унапредување на опфатот и квалитетот на превентивните здравствени услуги за ромското население и за спроведување на застапување пред надлежните институции. Подготовката на препораките и спроведувањето на застапувањето го вршиме во соработка со трите партнерски ромски организации и со самата ромска заедница.

Во нашата работа за утврдување на причините за трендот на пораст на новороденечката смртност во Р. Македонија, посебен фокус ставаме на причините за пораст на новодоенечката смртност кај Ромите. Ова е особено важно земајќи го во предвид фактот дека стапката на новороденечка смртност кај Ромите е за 1,5 пати повисока во споредба со македонското население. Оваа анализа ќе ни овозможи увид во специфичните потреби и преземање на специфични активности помеѓу ромското население со цел намалување на новороденечката смртност.

Нашата работа на унапредување на здравјето и пристапот до здравствените услуги, како и постигнатото влијание преку истата ја документираме преку подготвени написи за работата на ова поле кои се јавно достапни. Овие написи можат да им послужат на сите заинтересирани организации кои работат на полето на унапредување на здравјето на Ромите.

Подобрување на пристапот на жените до пазарот на трудот Во таа насока од 2017 година до денес, преку јакнење на капацитетите и партнерство со пет граѓански организации, вршиме редовен мониторинг на планирањето и спроведувањето на активностите и буџетите наменети за спроведување на активните мерки, програми и услуги за вработување предвидени со Оперативните планови на АВРМ. Предмет на мониторинг се три компоненти од Оперативните планови за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, и тоа: програмата за самовработување,  програмата субвенционирано вработување или Македонија вработува и услугите кои ги нуди АВРМ. Континуираниот мониторинг ни овозможи да ги утврдиме недоследностите и проблемите во процесите на планирање и имплементација на мерките, програмите и услугите кои се предмет на мониторинг. Утврдените проблеми и недостатоци директно се одразуваат во ограничениот пристап на граѓаните, особено жените, до програмите, мерките и услугите за вработување; недоволната информираност за истите; нискиот квалитет во спроведувањето и ниската корисност од постоечките програми, мерки и услуги. Наодите од процесот на мониторингот ги користиме со цел да подготвиме препораки за унапредување на процесот на планирање и спроведување на програмите, мерките, услугите и буџетите за вработување. Наодите и препораките ги користиме во процесот на застапување пред релевантните институции со цел унапредување на пристапот на граѓаните, со посебен фокус на жените, до програмите, мерките и услугите за вработување.

Работиме на полето на обезбедување на системски решенија за унапредување на состојбата на тешко болните лица на кои им е потребна долгорочна нега, како и на лицата кои ја обезбедуваат негата во домашни услови. Во таа насока спроведовме национално истражување со цел да ја утврдиме реалната стапка на лица на кои им е потребна нега од друго лице во домашни услови. Преку истражувањето утврдуваме и какво влијание има обезбедувањето на негата врз лицата кои ја даваат негата, како и врз целото семејство. Наодите ќе ги споделиме со пошироката јавност со цел да креираме препораки и да спроведеме застапување со цел да ја подобриме состојбата на лицата на кои им е потребна нега, како и на семејствата кои обезбедуваат нега во домашни услови.

 

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар