Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Општините бараат измени на Законот за финансиска дисциплина

Единиците на локална самоуправа во Македонија поднесоа иницијатива за измена на Законот за финансиска дисциплина, кој важи едвај два месеца, пишува Дојче Веле.

На средба со претставници на Министерството за финансии, општините се пожалиле на неможноста за примена на овој закон во работењето на училиштата, градинките, домовите за стари лица и објекти од културата, кои се финансираат со блок дотации.

Потоа било укажано на проблемот со блокираните сметки на повеќе општини, прашањето за плаќање на средствата кои општините ги имаат во делот за експропријација, како и прашањата во врска со групните јавни набавки, кои ги спроведуваат општините. Претставниците на општините нагласуваат дека особен проблем ќе претставуваат старите долгови, кои не подлежат на одредбите на овој Закон, а кои не ќе можат да се платат, имајќи ги роковите за плаќање на новите обврски.

Во информација од седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС, објавена на веб – страницата на оваа асоцијација, се наведува: „Претставниците на локалните власти сите конкретни предлози ги упатија до ресорното министерство, од кое сега се очекува одговор. Министерството за финансии веќе ги согледало нелогичностите, поради што ќе се пристапи кон одредени измени на законот“.

„Законот за фискална дисциплина ќе биде употреблив, ако се подобри фискалната децентрализација, ако се зголеми процентот на приходи на општините, како што е тоа во повеќе земји во Југоисточна Европа. Со овие приходи што ги имаме како општини ние не можеме да бидеме ставени во една дисциплинирана ситуација да имаме редовни и регуларни плаќања кон добавувачите. Крајна резултанта од овој закон ќе биде да не може да се остварува развојна програма, да немаме инвестиции и да нема подобрување на животот на граѓаните“, вели кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски.

Наспроти ова, градоначалникот на Желино Фатмир Изаири смета дека се работи за добро законско решение.

„Општина Желино сега се наоѓа во подобра финансиска состојба. Законот за финансиска дисциплина е добар и јас го поддржувам, бидејќи не дозволува општините да направат, на пример, непредвидени инвестиции, односно да заглавуваат во натамошните развојни чекори. Јас го поддржувам законот и поради тоа што тој не дозволува општините да натрупуваат нови долгови, само колку да реализираат некој проект“, вели тој за Дојче Веле.

Од Министерството за финансии не одговориле дали законот ќе се менува и во кој дел, односно дали ќе се прифатат забелешките на општините.

Извор: Фактор МК

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар