Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Регулативата заострена, абортусите растат

На Клиниката за гинекологија лани биле извршени 323 абортуси, за разлика од 2012 година кога имало 270

Бројот на абортуси во земјава бележат благ пораст, иако измените во законот за абортус беа со цел тој да се намали. Само на Клиниката за гинекологија, која е една од најчестите установи каде се вршат абортуси, во текот на 2013 година, според податоците од оваа установа, биле извршени 323 абортуси, што е повеќе во споредба со 2012 година кога имало 270 случаи на жени кои ја прекинале бременоста.

Од Институтот за јавно здравје не можат да потврдат дали бројот на абортуси се зголемува, бидејќи се' уште се собираат податоците за минатата година. Од таму велат дека во 2012 година во земјава имало околу 5.387 абортуси.

Дали овој благ пораст на бројот на абортуси укажува дека задолжителното советување и трите дена што со новите законски измени се даваат за преиспитување на одлуката, многу не помагаат да ги предомислат жените од абортус?

Од Клиниката за гинекологија велат дека 16 жени кои дошле со одлука за абортус, откако биле советувани или им била кажана процедурата за абортус, не се вратиле на клиниката. „Ова не значи дека тие се предомислиле, туку можеби да се обратиле во некоја приватна установа“, велат од Клиниката за гинекологија. Дотолку повеќе што стручњаците велат дека, иако можеби во помал обем, се' уште имаат приватни амбуланти кои вршат незаконски абортуси.

Жените, пак, велат дека новиот закон им создава само административни пречки, но дека ќе ги издржат, бидејќи кога се решени, никој не може да ја смени нивната одлука за прекин на бременоста. Ако порано можеле само за еден или најмногу два да го извршат абортусот, сега жените објаснуваат дека може и една недела да мине додека да им биде извршена интервенцијата. Тоа за нив е само дополнително малтетирање и стрес , со што им се врши психички и морален притисок.

Загрижува тоа што во тој лавиринт се и жени кои се итни случаи, односно мораат да ја поминат редовната процедура додека дојдат до абортус. Со тоа се соочила и една жена од Скопје, која била бремена, но имала и хематом, па лекарите и рекле дека треба што побрзо да се прекине бременоста. „Крварев три недели и не знаев што ми е. Бев на приватен гиниколог кој ми кажа дека сум бремена и дека треба да абортирам, бидејќи имам хематом и не смеам да го задржам плодот. Отидов кај мојот матичен гинеколог кој ми даде упат за Клиниката за гинекологија. Таму ме прегледаа и докторот ми рече дека треба да се вратам кај матичниот и тој да ми го објасни новиот закон“, раскажува една жена. Наредниот ден бидејќи имала многу болки отишла повторно на гинеколог и на клиника. Повторно ја прегледале и конечно ја упатиле кај социјален работник и психолог да се советува за постапката за абортирање. „Откако потпишав дека се согласувам, не бев примена веднаш во болница, туку после 2 дена, бидејќи морав да ги чекам тие три дена за премислување“ вели револтирано оваа жена и прашува кој ќе одговара ако поради тоа и' бил доведен во прашање животот.

На слични пречки наишла и друга 46 жена од Скопје. Таа вели дека, иако имала активна автоимуна болест, исто така морала да ја помине новата „патека“ на абортусот, од матичен гинеколог, до клиника, па пак матичен гинеколог, а и било барано мислење и од ревматолог кој ја следел нејзината болест.

„Откако ги собрав сите овие документи и морав да чекам три дена, се погоди третиот ден да биде недела, па мораше абортусот да се презакаже за во понеделник“, објаснува оваа жена.

Здружението на гинеколози минатата година на два пати ги доставило новите протоколи за абортус освежени со новите препораки од СЗО, до Министерството за здравство. Со нив се укажува дека советувањето на жените пред абортус не треба да е задолжително и дека трите дена на чекање не се медицински оправдани. Се укажува дека, и да има советување, треба да биде ставен акцент на контрацепцијата, а не на последиците од абортусот. Се бара на товар на здравственото осигурување да се стави барем еден лек за контрацепција за проблематичните групи жени. Досега, како што велат од Здружението, немаат повратен одговор дали и кои препораки се прифатени.

Од Министерството за здравство велат дека сите работи ќе се расчистат со подзаконските акти на кои се работи, а кои треба да се донесат најдоцна до јули годинава.

Уставниот суд се' уште не се изјаснил по претставката на Законот за абортус доставена од повеќе невладини организации кои се борат за правата на жените. Се реагира и дека не може Министерството за здравство да се става над други закони и да ја одредува содржината на советувањето, како и изборот на комисиите за абортус. Претставката се базира на тоа што со новините од Законот, дирекно се кршат правата на жените, како и слободата на нејзиниот избор, дали да изврши абортус или не. Жените, пак сметаат дека се врши емоционален и морален притисок да се откажат од абортус.

Извор: Утрински весник – 09.03.2014

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар