Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Централната власт најзатворена за парите

Општините се потранспарентни од институциите на централно ниво, оти тие се подостапни и поблиски до граѓаните. За разлика од нив институциите на централната власт се затворени и недостапни, се наведува во Индексот за активна транспарентност подготвен од Центарот за граѓански комуникации.

Институциите во Македонија не објавуваат многу информации на сопствена иницијатива, па општото ниво на таквата таканаречена активната транспарентност е ниско, се наведува во Индексот за активна транспарентност подготвен од Центарот за граѓански комуникации. Во истражувањето биле вклучени 97 институции, а процентот на исполнетост во објавување е 45 отсто.

На првото место, со 88,1 отсто исполнетост на обврските за активно објавување на информации е Општина Крива Паланка, а од институциите на централно ниво најдобро рангирано е Министерството за локална самоуправа, а најслабо е Министерството за економија.

Општините се потранспарентни од институциите на централно ниво, оти тие се подостапни и поблиски до граѓаните, а градоначалниците имаат поблизок контакт со население и тоа ги тера да бидат подобри во работата, оценува Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации. За разлика од нив институциите на централната власт се затворени и недостапни, додава тој.

„Сите се прво сконцентрирани во Скопје , тешко е да се влезе таму, тешко е да се тропне на некоја врата во министерствата , да се бара информација, значи сите тие работи ја прават реалноста да биде каква што е“, вели Филков.

Во нивниот извештај се посочува и дека најмалку информации има за буџетите и за финансиите. Тоа што треба да се сфати е дека кога се трошат туѓи пари не треба да се биде транспарентен само колку што наложува законот, туку и повеќе од тоа, додава Филков.

Во извештајот на невладината организација ЕСЕ, пак, во кој се оценува нивото и на реактивна и на проактивна транспарентност на јавните институции се наведува и дека Министерството за финансии информациите за трошењето на пари од буџетот ги смета и за тајни податоци.

Дарко Антиќ од невладината организација, вели најнетранспарентна институција во однос на реактивната транспарентност, односно кога се работи за одговарање на барањата од граѓаните е Министерството за здравство.

„Понатаму во тој дел влегуваат и Владата на Република Македонија , министерството за труд и социјална политика, министерството за надворешни работи, внатрешни работи, министерството за култура итн“, вели Антиќ.

Антиќ, чија организација ја анализира транспарентноста од 2013 година вели и дека бројот на поднесените барања за пристап до информации од јавен карактер е многу поголем лани, во однос на 2006 година, кога е донесен законот.

„Тоа всушност може и да значи дека бројот на информации што јавните институции ги објавуваат на нивните интернет страници е се помал. Во однос на постапката за обезбедување на информации од јавен карактер , според извештајот на комисијата, бројот на поднесени жалби во 2015 година бил поголем во однос на 2006 година и тој се зголемува од година во година“, вели Антиќ.

Инаку законот за слободен пристап до информации е донесен на 28 септември, 2006 година.

На десетгодишнината во извештајот се посочува и дека 39 отсто од мониторираните јавни институции лани доставиле одговор на добиените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер во рок подолг од законски утврдениот, а 65 отсто од нив немале објавено ниту еден податок за своето финансиско и буџетско работење.

Фросина Димеска

Извор: Радио Слободна Европа – 22.09.2016

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар