Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Владата го усвои Предлог-буџетот за 2017 година

Скопје, 19 септември 2016 (МИА) - Владата на денешната седница го донесе Предлог-буџетот за 2017 година кој е развоен, со рекордно ниво на капитални инвестиции, повисоки за дури 20 отсто во споредба со оваа година, и во текот на наредниот ден ќе го достави до Собранието, информира министерот за финансии Кирил Миноски.

Вкупните приходи, нагласи, се планираат на ниво од 187,6 милијарди денари, што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година, вкупните расходи на ниво од 206,22 милијарди денари, или за 4,5 отсто повеќе во однос на годинава, а капиталните инвестиции се планира да имаат рекорден износ од 26,95 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е предвидено да изнесува 3 отсто од БДП, односно 18,6 милијарди денари во апсолутен износ.

- Буџетот за 2017 година е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 отсто следната година. Сметам дека ова е реална проекција, бидејќи во неа се инкорпорирани предвидувањата за глобалниот раст следната година, ефектите од Брегзитот, што ќе влијае на забавување на растот во земјите на ЕУ, како и очекувањата за домашната состојба, односно разрешување на политичката криза по завршување на парламентарните избори. Растот на економската активност ќе биде придвижен од извозот, што се предвидува да забележи реален раст од 6 отсто. Увозот е предвидено да забележи раст од 4,7 проценти, со што нето-извозот би имал благ позитивен придонес кон економскиот раст, рече Миноски на вечерашната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека бруто-инвестициите се очекува да остварат реален раст од 4,5 отсто, приватната потрошувачка да се зголеми за 2,1, а јавната за околу 1,3 отсто. Стапката на инфлација ќе остане на ниво од 1 отсто, а се очекува вработеноста да се зголеми за 1,8 проценти. Просечната бруто-плата во земјата треба да забележи номинален раст од 1,8 отсто.

- Вкупните даночни приходи се очекува да забележат раст од 9,5 отсто во однос на 2016 година, од кои персоналниот данок треба да оствари раст од 9,3 отсто, данокот на добивка од 16,1 отсто, ДДВ раст за 10 отсто, акцизата за 12,7 отсто и царината за 2,5 отсто во однос на 2016 година, рече Миноски.

Од вкупните расходи, прецизира, за тековни расходи се планирани 179,26 милијарди денари или раст од 2,4 отсто во однос на 2016 година.

- Во рамки на тековните расходи 26,77 милијарди денари се планирани за плати. Социјалните трансфери се проектирани на 92,7 милијарди денари, при што се опфатени и ефектите од политиката за поддршка на пензионерите и корисниците на социјална помош. Во текот на 2017 година 51,2 милијарди денари се наменети за исплата на пензии и во нив е вкалкулирано предвиденото зголемување на пензиите за 5 отсто, почнувајќи од ноемвриската пензија, што ќе се исплати во декември 2016 година. За исплата на паричен надоместок за невработените лица планирани се средства во износ од 885 милиони денари, а за спроведување на активните политики и мерки за вработување 555 милиони денари. За здравствена заштита се планирани 26,4 милијарди денари. Предвидени се средства за редовно и навремено исплаќање на обврските по основ на правата за социјална заштита на ранливите категории граѓани во вкупен износ од 7,8 милијарди денари, рече Миноски.

Во рамки на буџетските средства наменети за капитални расходи, додаде, предвидени се значајни инвестициски вложувања во изградба на автопатот на Коридор 10 и во железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Прецизира дека за следната година е предвидено да заврши изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица, да продолжи модернизацијата на железницата на Коридор 10 и реализација на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на пругата кон Бугарија.

- Предвидено е вложување во енергетската и комуналната инфраструктура за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 3,48 милијарди денари, како и продолжување на активностите околу изградбата на Националниот гасоводен систем. Со интензивирана динамика ќе продолжи и изградбата на водоводните и канализациските системи во општините... Планираните расходи за 2017 година обезбедуваат поддршка на домашната економија и животниот стандард, што ќе се реализира преку капитални инвестиции, субвенции, пензии и социјални надоместоци, рече Миноски.

Прашан дали е неопходно носење на Буџетот за 2017 година или, пак, може да се реши со времено финансирање како што бара опозицијата заради предвремените парламентарни избори во декември, Миноски рече дека нивна обврска е да го изготват Предлог-буџетот и да го достават до Собранието, а пратениците ќе одлучат дали ќе се донесе во предвидениот рок до распуштање на Парламентот или ќе се оди на времено финансирање.

- Временото финансирање е опција што се користи во услови кога не е можно да се донесе Буџет. Постојат одредени негативни аспекти од временото финансирање, пред сè во однос  на обврските што се преземени во меѓувреме, а не биле опфатени во претходната година заради тоа што во основа се зема трошењето во првиот квартал од претходната година. Дополнителна негативна страна е неможноста да се преземаат дополнителни обврски, рече Миноски.

За јавниот долг рече дека се очекува до крајот на годинава да биде под 50 проценти, со оглед на фактот што доспеваат за плаќање одредени кредитни линии.

- Како Министерство водиме сметка за висината на јавниот долг и правиме проекции и сценарија на кој начин најдобро да го менаџираме јавниот долг, рече Миноски.

Извор: Министерство за финансии – 19.09.2016

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар