Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Ликвидноста на компаниите во РМ доведена во прашање заради неподмирени долгови од државата

Стопанската комора на Македонија континуирано следејќи ги движењата во стопанството, а поаѓајќи од актуелните состојби во земјата, во два наврата досега (април и мај 2016 година) спроведе анкетни истражувања меѓу своите членки, во насока на дефинирање на проблемите со кои моментално се соочуваат компаниите и кои влијаат на условите за стопанисување. Од овие истражувања меѓу компаниите, генерално можеше да се констатира дека во голема мера проблемите кои се јавуваат во тековното работење не се резултат само на моменталните состојби во земјата, туку најголемиот дел од нив се проблеми што континуирано се провлекуваат веќе подолг период, а сега само е поизразена нивната тежина. Со цел согледување на моменталните движења и состојби, спроведено е и трето анкетно истражување во месец август 2016 година, а во врска со повратот на ДДВ, наплатата на побарувањата и ликвидноста, на кое е добиен одговор од околу 800 компании од различни стопански сектори, истакна Билјана Пеева-Ѓуриќ, директор во Стопанската комора на Македонија,  на прес-конференцијата (5 септември 2016 година).

Од анализата на добиените одговори:

1.     Во однос на повратот на данокот на додадена вредност, 97% од компаниите одговориле дека не се соочуваат со позначајни проблеми по овој основ. Во моментов повратот на ДДВ најчесто се движи со задоцнување од еден до три месеци, што засега од компаниите е оценето дека е во рамките на прифатлива динамика. Единствено компаниите кои имаат барања по основ на поврат на ДДВ кои се веќе доспеани за наплата, а се работи за поголеми износи, се соочуваат со проблеми со ликвидноста и неможноста планираните средства да ги користат за друга намена во процесот на производство или да ги сервисираат своите обврски.

2.     Скоро идентична е оценката на компаниите во однос на наплатата на побарувањата, како во претходните 2 истражувања, односно околу 40% од нив наведуваат дека наплатата е со многу подолги рокови од обврската за плаќање.

Ова особено е потенцирано дека се однесува кога компаниите даваат услуги на јавниот сектор и оваа наплата е со продолжени рокови кои иако се договорни на (30, 60 или 90 дена), повторно истите не се почитуваат.

Како резултат на ваквите состојби, од страна на бизнис заедницата e посочено непочитување на одредбите од Законот за финансиска дисциплина, кој системски треба да ги регулира меѓусебните плаќања и исполнување на меѓусебните договори.

Воедно, се јавуваат и случаи кога компаниите се приморани да земаат нови кредити за да ги подмируваат своите потреби и обврски во работењето, бидејќи навремено не успеваат да ги наплатат побарувањата за услуги кои веќе ги реализирале кон клиентите со кои соработувале. На овој начин компаниите генерираат дополнителни трошоци и загуби, со што значително се нарушува нивната тековна ликвидност, - посочи Пеева-Ѓуриќ.

3.     И во најновото истражување компаниите посочуваат дека не може да се извршат правосилно донесени пресуди за наплата на побарувања од причина што согласно член 211 од Законот за извршување (член 218 од новиот Закон за извршување кој отпочнува да се применува од 1 јануари 2017 година), претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршувањето има право да одлучи кои предмети и права се неопходни за извршување на дејноста и задачите на должникот, така што во пракса се носат решенија дека сите подвижни права и сите парични средства кои се наоѓаат на сметка кај носител на платен промет се определуваат како неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот.

Во врска со ова прашање, Стопанската комора на Македонија во повеќе наврати го покрена прашањето за изнаоѓање решенија за надминување на нееднаквоста со која се соочуваат доверителите, односно приватните субјекти, наспроти субјектите на јавното право, со предлог изречно да се уреди дека за предмети и права во смисла на членот 211 (односно членот 218 од новион Закон за извршување) не се сметаат паричните средства кои се наоѓаат на сметка кај носител на платен промет, и врз нив може да се спроведува извршување без никакво ограничување. И покрај наведеното, предлозите на Стопанската комора на Македонија не беа земени предвид, и ова прашање остана уредено на ист начин и со одредбите на новиот Закон за извршување.

Со оглед дека примената на Законот за извршување кој е донесен на 12 април 2016 година и кој требаше да отпочне да се применува на 20 август оваа година, се одложи и истиот започнува да се применува од 1 јануари 2017 година, Комората уште еднаш го актуелизира ова прашање со цел да посочи дека е потребна измена на посочениот член 218 од Законот за извршување до неговото отпочнување со примена, - заклучи Пеева-Ѓуриќ.

На прес-конференцијата, уште еднаш беа презентирани и податоците поврзани со ликвидноста, кои беа предмет на анализа и во претходните две анкетни истражувања.

Извор: Стопанска Комора на РМ

 

 

COPASAH Europe

Семејно насилство

Човекови права во здравствена заштита

Фискална Транспарентност 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар