Association ESE

ESE

   Association for Emancipation, Solidarity and Equality of Women.

 

 

 

Учество во Јавна расправа по Предлог на закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување при Комисијата за здравство во Собранието на Р. С. Македонија

 

Предлог на законот за измени и дополнувања на законот за здравствено осигурување, поднесен од страна на пратеници на Собранието, со цел жените кои го остваруваат правото на здравствено осигурување како индивидуални земјоделци да стекнат право на надоместок поради отсуство за бременост, раѓање и мајчинство. Имено жените регистрирани како индивидуални земјоделки се исклучени од Законот за здравствено осигурување во делот на надоместоци поради болест, повреда на работно место и отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство. Оттука, земјоделките се дискриминирани во однос на останатите работнички и самовработени кои го стекнуваат правото на платено породилно отсуство и боледување согласно Законот за здравствено осигурување. На јавната расправа на Комисијата за здравство, одржана на ден 11.01.2024 година, учествуваа двајца претставници од Здружение ЕСЕ кои го поддржаа усвојувањето на Предлог на законот за измени и дополнувања.

На јавната расправа од страна на претставниците од Здружение ЕСЕ беше истакнато дека со усвојувањето на Предлог на законот, ќе се надмине постоечката дискриминација на жените индивидуални земјоделки.  Од страна на претставниците на Здружение ЕСЕ беше образложено дека согласно на статистичките показатели, доенечката смртност помеѓу руралното население е повисока во споредба со руралното население. Кон оваа состојба придонесува и фактот што жените земјоделки вообичаено се активни во земјоделската активност се до доцната бременост, бидејќи истата претставува основен извор на приход за семејството, што подразбира тешка физичка работа, како и изложеност на хемиски агенси кои се користат во земјоделието (пестициди, хербициди, вештачки ѓубрива итн.), а кои имаат докажано штетно влијание врз здравјето на бремената жена, како и врз правилниот раст и развој на плодот. Воедно, поради истите причини, жените земјоделки во доста краток период по породувањето се враќаат на земјоделските работи, што претставува ризик по нивното здравје, но исто така влијае и на соодветниот ран детски развој на децата од руралните средини. Во координација со Мрежата за заштита од дискриминација беа изнесени дополнителни аргументи за прифаќање на предложените измени и дополнувања, како што е фактот дека земјоделките веќе имаат статус на здравствени осигуреници и по тој правен основ не може да бидат исклучени од користење на правата или да се бара да исполнат дополнителни услови од оние кои се бараат за останатите категории на здравствени осигуреници.  Поради сите овие причини претставниците од Здружение ЕСЕ апелираа до пратениците да го усвојат Предлогот на закон со што би се унапредиле правата на жените земјоделки, а воедно би се унапредило и здравјето на мајките и децата од руралните средини.  Загрижува тоа што и покрај презентираните аргументи за усвојување на предложените измени и дополнувања на законот, пратениците од владејачките партии не ја поддржаа потребата за нивно усвојување.

 

 

 

 

COPASAH Europe

Domestic Violence

Health Rights

Fiscal Transparency

Legal Aid Center

Health Information Centre